Револтирани граѓани од населбата Генимале во Битола најавуваат блокада на градежни активности поради половична и несоодветна реконструкција на улиците во нивната населба.
Како што посочуваат, во делот на Булеварот „1-ви мај“ во населбата Генимале ветена била реконструкција на главната улица и сите четири споредни улици, но наместо тоа општината селективно реконструира само две од споредните улици.
Иако градоначалничката Наташа Петровска пред изборите ветуваше реконструкција на сите раскопани и заборавени улици, гледаме дека две години откако седна на функцијата заборави на своето ветување.
Жителите на Генимале велат дека со години се приморани да се гушат во прашините пред нивните домови, а кога има дождови постојано да газат низ калливите и раскопани улици. Тие укажуваат дека ваквата половична и несоодветна реконструкција ни малку не ги решава нивните проблеми.
Изреволтирани од игнорантскиот однос на Општина Битола и градоначалничката Петровска, жителите на Генимале најавуваат блокада на половичните градежни работи.
Потенцираат дека е потребно општината да се зафати сериозно да ги решава нивните потреби и проблеми и целосно да ги реконструира сите улици од овој дел на населбата.
Извор: kurir.mk