Најстариот хор од Прилеп „Пере Тошев“ ќе одбележи 30 години од своето постоење, со концерт кој ќе се одржи во домот за култура „Марко Цепенков“ на 12 април. Хорот е формиран во 1987 година и досега учествувал на голем број реноминирани домашни и странски културни манифестации. По повод овој јубилеј денеска тие остварија средба со градоначалникот, Марјан Ристески.
„Оваа година одбележуваме 30 години потоење и напорна работа на КУД „Пере Тошев“. Во сите овие години работиме како ентузијасти, со голема љубов и максимална посветеност. Пееме староградски песни, хармонизирани староградски песни и слично. Настапуваме на многу фестивали низ Македонија, но сакам да истакнам дека често пати настапуваме и надвор од нашата држава. Неколку пати бевме во Пустец, Р. Албанија и тоа за „8 Септември“, денот на независноста на Македонија, каде ја пееме македонската химна и потоа настапуваме со наши македонски народни ора и песни. Лани бевме во Белград, настапивме таму на две манифестации и морам да кажам дека бевме пречекани со големи овации и публиката беше воодушевена од нашиот настап. Исто така лани настапивме и во местото Ханиоти во Грција каде на фестивалот исполнивме неколку хармозирани песни во отворениот амфитеатар и каде исто така публиката беше воодушевена од нашиот настап. Но она што стави посебен акцен на оваа посета во Ханиоти е тоа што добивме Благодарница на која не стоеше ФИРОМ туку Република Македонија. Тоа за нас беше необично задоволство и гордост“, рече Драгослав Миноски, член на КУД „Пере Тошев“ од Прилеп.
Градоначалникот Ристески им го честиташе големиот јубилеј на КУД „Пере Тошев“ и им посака уште поголеми понатамошни успеси.
„Ми претставува големо задоволство и чест членовите на КУД „Пере Тошев“ да присуствуваат во мојот кабинет по повод еден вака значаен и голем јубилеј за нив. Му посакувам да слават уште многу јубилеи и да продолжат и понатаму да ја негуваат македонската традициционална песна и култура и достојно да не претставуваат не само во Македонија туку и во странство“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Членовите на „Пере Тошев“ ги покануваат сите граѓани да присуствуваат на овој голем концерт на кој ќе имаат гости како од Прилеп така и од Србија.