Најпрекрасното нешто во 2019 година: Традиционалната венчавка на Никола и Рената во мијачки носии во Бигорскиот манастир (Фото галерија)

Во последните часови од годината која изминува се потсетуваме на најоригиналните потези, успеси и достигнувања кои ја одбележаа 2019 година. Еден таков потег кој кога пишувавме буквално не остави без зборови, е традиционалната венчавка на Никола и Рената во мијачки носии во Бигорскиот манастир.

Никола од Битола и Рената од Скопје, во месец мај годинава запловија во заеднички брачни води, а заветот за вечна љубов, почит и разбирање, овие млади луѓе го дадоа во Бигорскиот манастир облечени во мијачка носија. Една несекојдневна венчавка која зрачи со посебна убавина, со македонски печат, нешто кое се ужива да се гледа и што е вистински вечен спомен.

“Приказната започнува пред две години во ресторанот „Куќата на Мијаците“. Таму каде што се запознавме со Рената, таму и се одржа свадбата.На првата годишнина од врската ја запросив на врвот Голем Крчин на 2341мнв, тоа е врвот кој што се гледа од дворот на Бигорскиот манастир. Со благослов на Отец Партениј, нашиот духовен татко, ние решивме да направиме венчавка која што ќе биде најблиску до традиционалната. Така и се случи, облечени во мијачки традиционални носии типични за тој крај направивме традиционална Македонска венчавка во Бигорскиот Манастир „Свети Јован Крстител“ и светска/модерна свадба во ресторанот „Куќата на Мијаците“– ни раскажа битолчанецот Никола Грнчаров.

“Се одлучивме за мијачката носија затоа што таа е типична за регионот во кој се наоѓа Бигорскиот Манастир, а кумот беше облечен во Брсјачка носија, типична за Прилеско-Битолско поле. Убаво би било сите ние барем мал дел да сочуваме од традицијата, за да не се заборави”, додава Никола.

На нашето прашање како реагирале нивните најблиски, роднини и пријатели, Никола вели: “Не сите знаеа каков ќе биде концептот и среќата што бликаше од нивните лица им беше неизмерна”.

За блескавите фотографии кои гушкаат срце и душа, се погрижија од “ЗАГА ПРОДУКЦИЈА”. Сите нивни ремек дела можете да ги погледнете на следниот линк: http://zagaproduction.com/

Целата фото галерија погледнете ја ТУКА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.