Најмладите ќе уживаат! Две премиери во Битолскиот театар во пресрет на празниците – “Снежана и седумте џуџиња” и “Снежната кралица”

Битолскиот театар во последните 3 (три) месеци успеа да реализира 7 (седум) премиери на театарски претстави, успеа да ја зголеми посетеноста на изведбите, успеа да го врати театарот на публиката.

„Чудата се случуваат само ако верувате во нив“, истакна на денешната прес конференција директорот Васко Мавровски, а по повод најновите премиери, спектаклот за деца “Снежана и седумте џуџиња” и новогодишна претстава “Снежната кралица”. Тој се осврна на сите проекти кои беа реализирани во периодот од 4.септември до денес.

„Успеавме нашите театарски сали да бидат исполнети до последно место, за 30 проценти зголемена е посетеноста на сите претстави. Благодарност за целиот тим на Битолскиот театар, кој веруваше и верува во мотото „Театарот повторно твој“. Работиме се со цел да го вратиме театарот каде некогаш беше. Започнати се и проектите за унапредување на условите за работа, завршивме со проектот дигитализација на репертоарот, набавен е софтвер за дигитално архивско работење. Тука е и трајната постановка на наградите и признанијата, во завршна фаза е видео надзорот со кој се заштитува сопственоста на Народен театар Битола. Ќе имаме видео снимки од театарските претстави, се реновираат многу простори каде актерите работат во текот на подготвување на претставите. Со други зборови успеавме за многу кратко време да направиме многу работи и сум горд на вработените на театарот кои во ниту еден момент не ме оставија сам да ги придвижам овие работи“.

За следната година Мавровски најави фокусирање на претстави на македонски автори и режисери. Па така ќе биде изведена претставата по текст на Игор Кузмановски, „Жиголо“, во режија на Благој Мицевски кој е и костимограф на претставата, композитор Марјан Неќак, сценограф Сергеј Светозарев. Премиерата ќе биде на 1.март и тоа ќе биде првата премиера на НТБ за 2025, и е реализирана со сопствени средства.

“Снежана и седумте џуџиња” е по текст на Љубивое Ршумовиќ во режија на Драгана Милошевски Попова, драматург Билјана Крајчевска, сценографија Валентин Светозарев, костимограф Андреј Ѓоргиевски, композитор Марјан Неќак.

„Ова е моја трета соработка со Битолскиот театар и секогаш со многу љубов се враќам во оваа куќа. Оваа приказна за Снежана, сите добро ја познаваме. Во последните години интензивно се занимавам со различни теми кои се обидувам да им ги раскажам на децата, па барам различни начини да им пренесеме нешто и да им го задржиме вниманието, во денешно време кое е многу брзо и со цела технологија околу нив. Нашата претстава зборува на еден специфичен јазик кој е поетски, но близок на денешните деца. Се обидовме да создадеме еден простор кој на различни генерации им е близок и да го споиме со денешното темпо и да создадеме еден нов автентичен свет“, истакна режисерката Милошевски Попова.

„Работењето на детска претстава е најкомплексното нешто“, додава драматургот Билјана Крајчевска.

„Темите и целта на овие претстави се многу важни. Се надевам дека со оваа претстава ќе почне една нова ера каде ќе се посвети внимание на децата. Ние постојано го поставуваме прашањето како да имаме подобро општество, една тема која треба најдобро што може да се обработи и од етичка и од естетска смисла, па така ние заклучивме дека е најдобро раскажувањето на приказни, после претставата децата да имаат можност да ја раскажат сопствената приказна.Текстот е на Ршумовиќ, но користиме и референци од бајките на браќата Грим“.

За прв пат во НТБ како кореограф работи Игор Киров, еден од најактуелните и најбарани светски кореографи.

„Се обидовме да создадеме една претстава која ќе ја гледаат не само децата, туку и возрасните. Мило ми е што театарот дава можности на македонските креативци, уметници да творат, како и мене кој сум долги години ангажиран на сцените надвор од Македонија, а на овој начин имам можност да го дадам својот допринос за развивање на нашата култура, да создадеме нешто кое се надевам ќе остане на репертоарот и сите ќе бидеме задоволни од крајниот производ“.

Во театарската изведба на ,,Снежана и седумте џуџиња“, публиката ќе биде сведок на борбата помеѓу доброто и злото, преплетена со хумор, емоции и музика . Секој лик -од прекрасната Снежана , низ мудрите и смешни џуџиња, до злобната кралица -оживува пред присутните, носејќи магија директно од бајката. Улогата на Снежана ја игра Ана Грамосли, а останатите улоги: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Борче Ѓаковски, Никола Пројчевски, Маријан Ѓоргиевски, Живко Борисовски, Александар Димитровски, Петар Спировски, Александар Копања и Марија Стефановска.Суфлер е Гордана Михајлова, инспициент Димитар Михајловски.

„Мило ми е што сум дел од ваков проект бидејќи играме пред најискрената публика и се надевам дека децата кога ќе излезат од салата ќе имаат нова љубов кон театарот, добра поука и насмевка“, рече актерката Ана Грамосли.

„Месец и половина работиме многу сериозно, напорно и ретко во нашите кариери се случува да сретнеме луѓе кои некогаш ќе чепнат во нешто друго кое го носиме, но сме го сокриле некаде. И покрај тоа што станува збор за детска претстава, пристапот е сериозен, сите бевме максимално вложени.Оваа комбинација од Драгана и Игор направи одлична работа, постигнавме нешто што не бевме свесни дека можеме, сите танцуваме, направија одлични сцени. Поместивме граници и на естетиката и на тоа што значи театар за деца со сите можности кои ги имаме во Битолскиот театар“, додава актерката Јулијана Мирчевска.

Претставата „Снежната кралица“ е работена со поддршка на Општина Битола и ќе се игра во рамките на Зимската приказна.Ќе има 8 изведби. Работена е според бајката на Андерсен, режија Јулијана Мирчевска, костимографијата е на Благој Мицевски, сценографија Валентин Светозарев. Во претставата играат: Јулијана Мирчевска, Хари Михајловски, Катерина Аневска Дранговска, Соња Михајлова, Огнен Дранговски, Марија Стефановска,Петар Спировски, Никола Пројчевски и Живко Борисовски. Музиката е на Миодраг Неќак.

Двете претстави се во рамките на програмата на НТБ на претстави за најмладите и мотото „Театарот повторно на децата“. Премиерата на “Снежана и седумте џуџиња” ќе биде изведена на 23.12 во 18 часот, а само два дена потоа и премиерата на детската новогодишна претстава “Снежната кралица” која ќе биде на репертоарот до 30.12.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.