Најмладата читателска публика од Прилеп во сабота ќе може да се дружи со авторката Хана Корнети

Во сабота, 15. март 2025 г., на пладне, во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“, уникатна можност за пријатна дружба за книга со кафе, заедно со родителите и најмладата и најскапоцена читателска публика.

Авторката Хана Корнети ќе ни биде гостинка за да ни (рас)каже малку повеќе за некои детали од авантурите на Илина и Папрат, придружена од промоторката Наташа Атанасова.

„Процеп во процес“ 5 е посветен на „Илина и шумските тролови“ од современата писателка Хана Корнети, фантастичен роман за младата читателска публика. Но, тоа е книга која еднакво ги опфаќа и вклучува и возрасните кои не си ги ограничуваат фантазиите, соништата и авантуристичкиот дух.

Фокусот на петтата по ред средба од промотивно-едукативниот циклус спонтано наречен „Илина и шумските тролови“ не е книга која им се чита на децата во рана возраст кога сакаме да ги заспиеме со некоја бајковита приказна. Ниту пак е приказна која би ги смирила децата кога се палави. Напротив, „Илина и шумските тролови“ е книга за „малку поголеми деца“ (некои формално ја категоризираат како за возраст 9+ години, но ние тука не би се држеле ригорозно до таква категоризација) која ги возбудува ионака темпераментните духови на малку поголемите деца, им го разгорува жарот за авантури.

Динамичната, питорескна и разиграна приказна за еден фантастичен свет на тролови, мириси и бои во теглички, гатачки кои никако да ја погодат иднината и многу други возбудливи ликови, појави и ситуации, ја прави оваа книга една од оние книги со кои децата веќе навлегуваат во светот на посериозните четива – четива кои им отвораат видици и ги тераат да поставуваат прашања, да си ја развиваат љубопитноста и да ја надоградуваат својата креативна фантазија.

„Замислете девојче кое има 11 години, а разбира можеби и повеќе од повеќето големи. И тоа девојче, замислете, раскажува толку заразно што без да трепнете чекате да видите каде ќе отиде и што ќе направи. Дали ќе замине на село со мајка ѝ иако е недела и е ден за корнфлекс и излежување, дали ќе го најдат селото Бабин Заб, дали вистина ама баш вистина запознава шумски трол кој се вика Папрат и кој му доаѓа како нејзина тролско-откачена верзија? И дали приказната на Папрат е за верување и авантурата на Илина за впуштање во неа и со неа…“ – Наташа Атанасова.
„Илина и шумските тролови“ има неконвенционална и забавна нарација која ги руши некои од вкоренетите стереотипни модели за литературата за деца, модерен и често жаргонски израз, кои ја прават многу поблиска и поприемчива за детската читателска публика.

Промотор на книгата ќе биде Наташа Атанасова, а модератор: Александар Еленин
Присутните (посебно оние најскапоцените – децата) ќе имаат можност директно да поразговараат со авторката на книгата, Хана Корнети и да ја прашаат за сето она кое ќе ги заинтригира и заинтересира.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.