Расте цената на кромидот, на Градскиот пазар во Штип денеска се продаваше по цена од 80 до 100 денари за килограм. Земјоделците и трговците велат дека стариот кромид е увозен и затоа сè уште држи висока цена, наспроти краставиците и доматите кои бележат мал пад на цените.
Раководителот на Градскиот пазар-Штип, Димче Колев вели дека 90 отсто од краставиците и доматите кои се нудат на пазарот се увозни од Грција и Албанија. Забележува дека домашниот зеленчук е прва класа, но го има во помали количини, наспроти увозниот, кој е втора и трета класа.
-Од увоз производите се втора и трета класа, не се прва класа и затоа ја рушат цената на домашното производство. Нашите оранжерии поради високите сметки за струја го намалија производството, плашејќи се од зголемените производствени трошоци и затоа немаме доволно количина, вели Колев.
Посочува дека цените на зеленчукот се очекува да паѓаат на крајот на април или почетокот на мај.