Здружението “Бадникови поворки” веќе ги завршува подготовките на дечињата за традиционалните бадникови поворки, кои оваа година ќе се одржат под мотото ,,Пренеси ја Божикната радост до секое дете”.
Во Прилеп интересот е многу поголем од минатата година, пријавени се речиси 300 дечиња, што е најголема бројка досега.
-Поворката започнува од Камената бина каде што е поставена Божикната пештера во 09:00 часот на 06.01.2025 каде што децата ќе се соберат за да тргнеме во најголемата поворка до сега. Поворката ќе започне од Камената бина, кон параклисот на Св. Никола, покрај пицериијата „Леоне“, кон пешачкиот премин кај аптеката „Зегин“, низ старата чаршија, потоа кон плоштадот, покрај Участакот, кон „Сетек“, кон НУЦК Марко Цепенков и повторно ќе се вратат на Камената бина. Тука ќе ги отпеат песничките „Вечниот Бог”, „Тропар на Рожденство Христово” и „Кондак на Рожденство Христово”. Дечињата ќе бидат пречекани од градоначалникот на Прилеп, г-динот Борче Јовчески кој симболично ќе ги дарува дечињата од поворката. По завршувањето на поворката, ги покануваме сите учесници и присутни да го посетат најблискиот храм, а на 7ми јануари на литургија и сите да се поздравиме со радосниот поздрав „Христос се роди“ – велат организаторите од Здружението “Бадникови поворки” од Прилеп.
Од Здружението упатуваат покана до сите граѓани да ја проследат поворката и радосно и достојно заеднички да го најавиме Христовото раѓање!
Инаку, децата во поворките ги симболизираат ангелите што го најавуваат Христовото Раѓање, а ѕвездичките што радосно ги веат над своите озарени лица се водилка кон местото каде што се раѓа Богомладенецот. Симболично прикажано, кај нас тоа е патот до божиќната пештера во која е претставен целиот настан на Христовото Раѓање – Божик.