Националниот парк Крка природна убавина која плени

skradinski-vodopad

На подрачјето на Шибеничко – книнската жупанија, на површина од 109 километри квадратни, се наоѓа еден од најубавите национални паркови  во Европа – паркот Крка, кој е најубавиот дел од течението на реката Крка и долниот дел од течението на реката Чикола. Патот до   Крка не одведе  на први јануари, 2017 лето Господово, во убав сончев ден.

Тргнавме од Сплит, група од 50 вљубеници во убавата природа, преку Трогир, Примоштен, за да дојдеме неделното попладне да го поминеме во пространиот парк, со големи природни вредности, парк  во кој се зачувани незименети еко состави.

Со автобусот полека слегуваме по патот. Кривина до кривина, но одличниот возач од агенцијата Бран, сигурно ги совладува. Пред нас  фантастичен поглед. Да не знаеш  на која страна да погледнеш. По кусо време стигнавме до целта –  водопадите кај Скрадин.

6

Уште на самиот почеток  воодушевување. Нема многу луѓе, ама затоа погледот е фантастичен. Најпрво ги посетуваме неколкуте куќарки – музеи, за потоа – правец во откривање на природните убавини.

Патеката полека те води од еден кон друг дел. Кој од кој поубав. Нормално, се прават фотографии, да се овековечи посетата. Од нашиот хрватски водич ја дознаваме историјата на паркот Крка, низ кој, во должина од 73 киломeтри течи реката Крка. Надморската висoчина – 242 метри.

Реката Крка по должина е 22 река во Хрватска. Извира од подножјето на планината Динара, североисточно од Книн. Со седум водопади и и вкупен пад од 224 метри, паркот Крка е природен феномен, а темел на водопадите е Скрадинскиот.

1

Дознаваме дека иницијативата за прогласување на просторот за национален парк била покрената во 1971 година, кога бил издаден и развојниот урбанистички план на Крка. За национален парк е прогласен во 1985 година. Оттогаш тука се развива трузимот.

Границите на паркот биле ревидирани во 1997 година. Се протега 50 километри во горниот и средниот тек на реката Крка и во долниот на реката Чикола, на простор меѓу градовите Книн, Скрадин и Шибеник.

Паркот плени со повеќето езера, ама и со богата флора и фауна. Разновидна. Во овој преубав природен резерват регистрирани се околу 860 видови растенија, од кои некои се ендемски. Има 18 видови риби, над 200 птици.

8

 

Седумте водопади се еден по друг, од кои најпознат е Скрадинскиот (45 метри). Водата, чиј звук не ве остава рамнодушен се слева од повисоко, од пониско, и мами водишки кај секој посетител. Чиста е и бистра. Под водопадот дознаваме дека се наоѓа втората најстара хидроцентрала во светот – Јаруга, која е првата хидроцентрала во Европа изградена далечната 1895 година, три дена по првата светска хидроцентрала на водопадите на Нијагара.

Бројот на посетители, од година во година се зголемува. И има зошто. Природата мами. Кој не сака да биде на чист водух и да ужива.

Времето предвидено за посета полека истекува. Време е за заминување. Ќе остане посетата во сеќавање. Кој знае можеби ќе дојдеме тука ако патот повторно не донесе во овој предел. Ако не, ќе останат спомените и секако се разбира многубројните фотографии што сме ги направиле, како потсетување за едно убаво минато попладне во природната убавина на Хрватска – паркот Крка.

9

                                                                        Текст и фото Каролина Мицевска




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.