Oткако пред извесно време спортистите во Прилеп го кренаа гласот и побараа од државните власти да им го вратaт спортскиот храм – Универзалната сала, се јави и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, кој на прес конференција побара спортските работници и градоначалникот да се обратат до него, за потоа да се побара Владата да изнајде решение за овој спортски објект.
Универзалната сала во Прилеп во моментов ја стопанисува АД за изградба и стопанисување со станбен простор, а синоќа голем број спортисти и спортски клубови во општинската сала се потпишаа на петиција, со која побараа Агенцијата за млади и спорт да биде медијатор помеѓу трите страни, за овој спортски објект да им биде ставен на располагање.
Спортистите од Прилеп се едногласни во ставот дека на градот и тоа како му е потребна оваа сала, која ќе помогне и за правилен развој на спортистите, но и секако да се отргнат тренинзите на многуте спортски клубови од училишните сали и реализирање на тренажниот процес во прилепскиот храм на спортот.