На покана од средното стручно училиште – Земјоделска професионална гимназија „Климент Темирјазев “ – Сандански, Бугарија, претставници од СОЕПТУ„Кузман Јосифоски – Питу “- Прилеп, предводени од професорката по информатика м-р Мимоза Мијоска на 21-ви и 22-ри април 2017 година, учествуваа на петтото меѓународно натпреварување „Земјата – позната и непозната“, на тема „Земјата е жив организам. Не ја лутете “.
Во изработката на проектите, учесниците, поаѓаа од ставот на природните и општествените науки, на претприемништвото, на граѓанското и здравственото образование и екологијата. Како алатка за развој на проектите се користеше информатичката технологија.
На натпреварот учествуваше екипа од две претставнички од СОЕПТУ„Кузман Јосифоски – Питу“ – Прилеп: Стефани Клекачкоска од I-3 клас и Ивона Настеска од I-3 клас. Натпреварот се состоеше од три дела:
- Изработка на презентација или кратко видео – овој дел беше со елиминационен карактер, а претставничките од СОЕПТУ„Кузман Јосифоски – Питу“ – Прилеп освоија трето место со видеото со тема „Ефект – пеперутка”.
- Решавање на студија на случај.
- Изработка на постер.
Нашите претставнички рамо до рамо се натпреваруваа на меѓународниот натпревар со претставници од десетина средни училишта од Бугарија и Македонија. Крајниот пласман на нашата екипа во силната конкуренција е 5-то место.
Како посебен настан на натпреварот може да се истакне засадувањето на бреза во училишниот двор во чест на починатата професорка Соња Терзијска една од основачите на натпреварот. Со овој чин се подобрува воспитувањето на младите и се подигнува нивната еколошка свест.
Со натпреварот традиционално се обележува Денот на планетата Земја, 22 Април.