Настан со многу емоции! Биле дел од првата генерација акушерки во Прилеп, а денеска прославија 60 години од матура (ФОТО)

Денеска во просториите на СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, првата генерација од средното медицинско училиште од Прилеп, акушерски смер, прославија 60 години од матура.

Класниот час им го одржа директорката на училиштето, Жанета Видевска. На настанот присуствуваа ученици, стручни наставници и наставници по стручни предмети од здравствената струка во ова училиште, како и претставници на медиумите.

На лицата на двете присутни акушерки кои одамна се во пензија, се читаше нескриена радост и задоволство од настанот кој тие го организираа заедно со раководството на училиштето, кое секогаш е отворено за сорабока.

„Ентузијазмот на неколкуте акушерки, први во Прилеп, да организираат една ваква ретка средба, вроди со плод. Иако нивниот број е многу мал, тие сепак се собраа во училиштето од чиишто клупи излегле многу одамна и ја одбележаа 60-годишнина од матурирањето. Самиот чин на завршување на средно медицинско училиште, пред цели 60 години е за поздравување“, истакна во поздравниот говор директорката на СОУ „Ѓорче Петров“.

„Во далечната 1960-та година, ние 40-тина 14-годишни девојчиња се запишавме како прва генерација во штотуку отвореното прилепско Средно Медицинско училиште за струката медицински сестри-акушерки. Од нив, завршивме само 18, бидејќи критериумите беа многу строги, а ние, иако бевме само со завршено средно образование бевме многу стручни и оспособени дури и сами да ги водиме породувањата“. Сега веќе 19 години пензионираната акушерка Магда Тинтоска – Матракоска која е една од само неколкуте се’ уште живи акушерки од таа прва генерација, со голема носталгија, но и радост се присетува на тие, како што вели, преубави пионерски времиња во здравството кај нас.

„Бевме толку стручно подготвени што сами водевме раѓања, и тоа се распространивме низ цела тогашна Југославија. Наши ученички се вработија во Љубљана, заминаа во Шведска, во Швајцарија и сите каде што отидоа станаа главни сестри на одделение….А некои отидовме и по селата, јас еве, конкретно работев три години на село. Имав 360 раѓања за три години….Дома ги пораѓав. Сама работев, со општи лекар, меѓутоа ниеден пораѓај не беше со смртен исход, иако имаше и патолошки раѓања, меѓутоа бевме спремни ние“, раскажува Магда Тинтоска – Матракоска.

„Од тие 18 дипломирани сестри, докторот Брашнаров, кој бешепрв гинеколог во Прилеп, не’ одбра по успехот.нас не’ спремаа за теренски акушерки…Јас има појдено Мариово со хеликоптер во тоа време. А сега мислам дека е многу полесно затоа што секогаш имаат гинеколог со нив за да им помогне, а ние сами, по 24 часа дежуравме…Јас сум плачела и сум пораѓала – струја ќе снема, аспиратор нема, не можеш бебето да го аспирираш. Трчав налево- надесно, со свеќи со ламби“ – рече Катерина Арапческа – Јакимоска, пензионирана акушерка.

Овој несекојдневен настан кај присутните предизвика многу емоции, но и желба секој да се оствари во својата професија и да дочека да прославува вакви значајни јубилеи.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.