Наставниците по историја, граѓанско и географија ќе треба да се договараат: Еве што кажа Царовска за новиот концепт на образованието

Интегрираните предмети нема да бидат предавани само од еден професор, односно на тој час нема да влегуваат тројца наставници по историја, граѓанско образование и географија. Секој од професорите ќе треба да го предава својот дел, односно секој ја предава лекцијата што припаѓа на неговата дисциплина, меѓутоа ќе треба да се договораат меѓусебно како тематски да предаваат одредена тема, со цел таа да биде поврзана. Ова е дел од објаснувањето на министерката за образование и наука Мила Царовска за новиот концепт за основно образование кој ќе вклучува интегрирани предмети, а ќе почне да се применува од следната учебна година 2021/2022.

„Како во природните, така и во општествените предмети подеднакво, сите три модули од предметите остануваат поеднакво застапени во наставната програма, а тоа значи дека ученици треба да се стекнат со базични знаења и по историја и граѓанско општество и географија“, рече Царовска на денешниот брифинг со новинарите додавајќи дека овие предмети имаат теми што ги поврзуваат, како на пример, развивање на култури и прифаќање на мултикултурноста.

„Нема да влегуваат сите одеднаш на час. Секој професор ќе си го предава својот дел. Тематски во исто време се учи една целина, за учениците да го разберат контекстот и полесно да запамтат“, вели Царовска.

Како што посочи таа, цел е во период од пет години целосно да се воведат новите наставни програми коишто треба да се изработат сукцесивно година по година, што би значаело дека прво и шесто одделение добиваат нова концепција со нови наставни програми која ќе треба да се изработи за идната година.

„Секоја година се дополнува наставната програма со второ, трето, четврто, петто итн. и тоа укажува дека тоа за тој временски период во рок од 5 години ќе имаме целосно трансформиран образовен систем. Целосна трансформација одеднаш би била несериозна, а и невозможно е да се постигне во сите одделение да добиеме нова концепција“, рече министерката.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.