Наместо бакшиш, директорот на Јувентус на келнерите им ја оставил салфетата на која ги пишувал засилувањата на клубот

Директорот на Јувентус, Фабио Паратичи, направи гаф на годината, кога во еден римски ресторан ја заборавил салфетата на која ги напишал плановите на клубот за наредните трансфер рокови.

Јувентус вечерва игра против Лацио на “Олимпико”, а човекот кој прави чуда на трансфер пазарот за “бјанконерите” синоќа пристигнал во Рим. Салфетата била проследена или продадена од страна на келнерите на римскиот весник “Il Tempu”, а тие ја објавиле како ексклузива.

Метите на Јуве не се тајна, но има некои новости, клучни се Зенаро и Демирал, кои се сметаат како инвестиции за иднината на клубот. Првиот игра за Валенсија, а вториот е стопер на Аланија. И за едниот и за другиот Јуве е подготвен да палти седум милиони евра. На мета е и сензацијата од Рома – Заниоло, но тоа е тешка мисија, затоа што се работи за момче кое Интер го ослободи како дел од договорот за Најголан, и направи катастрофална грешка.

Што се однесува до Аргентинецот Ромеро, тој е блиску до Торино, во Џенова замина Стураро, а Јуве ќе се насочи кон новиот Пирло, Тонали од Бреша.

Напишани се и сумите, Ромеро и Тонали вредат по 20 милиони, Заниоло 40, а нова мета е и Киеса од Фиорентина, кој Паратичи го проценил на 50 милиони евра.

Тешко дека “Виолетовите” од Фиренца ќе сакаат да го продадат својот бисер за овие пари, но кога Јуве е во прашање ништо не се знае.

И за крај најголемата тајна, ако замине Миралем Пјаниќ, а се поврзува со Манчестер Сити, Јуве ќе се обиде да го купи Сергеј Милинковиќ Савиќ.

Дали клубот ќе успее во овие намери, останува да видиме. Вакви информации не се случува често да дојдат до медиумите, освен ако директорот на “старата дама” намерно го направил тоа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.