Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев побара намалување на мерките за рестрикција на движење на граѓаните.
За емисијата „Топ Тема на телевизија Телма тој потврди дека се разгледува можноста за олабавување на мерките на Владата па така истакна дека новите мерки најверојатно би важеле веднаш по донесувањето на одлука на Владата, најрано од утре.
Денес имавме Главен координативен кризен штаб на Влада и на него беше дискутирано во која насока би се олабавувале мерките и имаше неколку предлози.
Во текот на денот немаше седница на Влада, меѓутоа за утре е закажана седница на Влада во 15 часот и јас очекувам дека утре Владата ќе донесе одлука во насока на олабавување на мерката за забрана за движење. Новите мерки јас мислам дека веќе од утре или најдоцна од задутре би важела таа мерка. Веднаш после објавувањето, вели Чулев.
Mинистерот се залага полицискиот час секој ден вклучително и за време на викендите да започнува од 19 часот попладне и да трае до 5 часот наутро.
Чулев во однос на траењето на полицискиот час за повозрасните лица исто така бара негово намалување со тоа што истиот би траел од 5 часот наутро до 12 часот попладне. За младите пак мерката би важела од 13 часот попладне до 19 часот.
Министерот Чулев денес на фејсбук напиша: Имајќи ги предвид статистичките податоци кои се однесуваат на лицата кај кои е утврдено присуство на корона вирусот кои имаат надолна тенденција и фактот дека зад нас е ограничување на движење кое траеше цели 85 часа и кое покрај превентивна здравствена улога, имаше негативно влијание на психосоцијалната состојба кај граѓаните ја информирам јавноста дека утрово на седницата на кризниот штаб во рамките на владата предложив итно и неодложно намалување на времетраењето на ограничувањето на движењето за граѓаните.
Моето барање за намалување на ограничувањето на движењето се однесува на сите граѓани, како и за младите лица и за лицата над 67 години.
Во таа насока денес предложив досегашното ограничување на движењето во работните денови наместо од 16 часот да започнува од 19 часот, како и да се размисли за соодветно олеснување кое ќе се применува за време на викендите.
Дополнително, ќе побарам и преиспитување на одлуките поврзани со ограничување на движењето во планините, парковите и шумите, а притоа водејќи сметка да се внимава на мерките и препораките кои се однесуваат на групирање на јавни површини.
Очекувам владата овие барања да ги прифати на првата седница.
Министерството за внатрешни работи во текот на денешниот ден ќе излезе со официјални информации за сите настани кои ја разбрануваа јавноста во текот на викендот.