Цената на лебот, брашното и печивата ќе се зголемат за најмалку 10 отсто до крајот на ноември, најавија мелничарите.
Причина за поскапувањето се скапата струја и растот на цените на берзата на пченицата.
Мелничарите побара субвениции за електричната енергија или да бидат додадени на регулираниот пазар за да се смири ситуацијата.
Како што изјави за МИА претседателот на Групација на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора, Горан Малишиќ, од огромна корист би биле и ноќните вишоци што ги продава ЕСМ, зашто и онака 75 отсто од производството на пекарската индустрија се изведува во ноќните часови.
– Во сегашната консталација, берзанската цена на пченицата како основна суровина повторно почна да расне. Од жетвата 2022 цената на француската берза е зголемена за околу 10 отсто, а и зголемувањето во Србија е исто така 10 проценти. Тоа значително ќе ја зголеми цената на брашното и на лебот со печивата за минимум 10 проценти во наредниот период од максимум 40 до 50 дена, истакнува Малишиќ.