Над 500 верници ќе учествуваат во традиционалното фрлање по светиот крст на територијата на Општина Прилеп, в понеделник, на големиот христијански празник Богојавление – Водици 2026.
Празнувањето започнува на 19 јануари со утрински богослужби, по што следи чинот на положување на светиот крст во осветените води, со што се одбележува Христовото крштевање, една од светите тајни на христијанството.
Централната манифестација ќе се одржи во 12:00 часот, со положување на светиот крст во базенот на Аква паркот „Салида“ во Прилеп. Покрај централниот настан, светиот крст ќе биде положен и во водите на реките и базените во уште 19 населени места на територијата на Општина Прилеп:
Селце, Витолиште, Бешиште, Полчиште, Ново Лагово, Загорани, Кадино Село, Мало Коњари, Големо Коњари, Беровци, Клепач, Ерековци, Галичани, Чепигово, Подмол, Алинци, Тополчани, Плетвар и Штавица.
Утрото, во црквата „Св. Благовештение“, по традиционалното пуштање на гулабите во 6:30 часот и свечената божествена литургија, симболично ќе се одржи и фрлање на светиот крст во фонтаната (базенчето) во дворот на црквата во 9:30часот. Овој чин е наменет за дечиња, не постари од 13 години, кои ќе го вадат светиот крст од осветените води.
Градоначалникот на Општина Прилеп Дејан Проданоски, претседателката на Советот и делегации составени од членовите на Советот ќе бидат присутни на сите 20 места, Локалната самоуправа има обезбедено пригодни подароци за сите учесници а исто така и компаниите „Зегин“ и „Евротип“, ќе обезбедат пригодни подароци за оние што први ќе го извадат светиот крст од осветените води во Прилеп.
Богојавление – Водици е празник што го одбележува крштевањето на Исус Христос од Свети Јован Крстител во реката Јордан и симболизира духовно раѓање и почеток на животот во верата.
























