Над 150 коњаници од повеќе краишта на Македонија вчера пристигнаа во Крушево и добија топло добредојде од голем број крушевчани и гости, кои деновиве престојуваат во туристичките капацитети на градот.
Традиционално илинденските коњаниници беа пречекани со леб, сол и вино, а потоа се упатија на Гумење.
-Денес ја пречекавме илинденската коњаница во Крушево – симбол на борбата, храброста и непокорот на нашите предци. Илинден не е само историја, туку обврска кон иднината. Крушево и понатаму останува чувар на илинденскиот завет и идеалите за слобода, правда и достоинство. Им благодарам на сите коњаници за нивната пожртвуваност, горд сум што оваа традиција живее и се пренесува на младите генерации. Крушево ги отвора срцето и вратите за секој кој доаѓа со љубов кон татковината – напиша на ФБ градоначалникот на Крушево, Томе Христоски.