По двегодишна пандемиска пауза, повторно се организираат Бадниковите поворки во Прилеп. Оваа година поворките се одржуваат под мотото ,,Бадник и Божиќ во полн сјај”.
Пријавени се над 100 дечиња досега, но на пробата на петти и на денот на поворката организаторите од здружението ,,Бадникови поворки” очекуваат да се приклучат повеќе дечиња.
Поворката ќе започне од Камената бина во 10:00 часот на 06.01.2023, каде што децата ќе ги отпеат песничките ,,Вечниот Бог”, ,,Тропар на Рожденство Христово” и ,,Кондак на Рожденство Христово”.
Тука дечињата ќе бидат пречекани од градоначалникот на Прилеп, г-динот Борче Јовчески кој симболично ќе ги дарува.
Пеејќи ја ,,Вечниот Бог”, поворката продолжува кон уличките низ старата чаршија, потоа се враќаме до божиќната пештера и се упатуваме кон најблискиот храм, црквата Св.Кирил и Методиј (Параклис).
Децата во поворките ги симболизираат ангелите што го најавуваат Христовото Раѓање, а ѕвездичките што радосно ги веат над своите озарени лица се водилка кон местото каде што се раѓа Богомладенецот.
Симболично прикажано, кај нас тоа е патот до божиќната пештера во која е претставен целиот настан на Христовото Раѓање – Божиќ.