Заради стабилизација на ФК Победа и заради подобрување на имиџот на клубот, како и за добивање на што поголема масовност при натпреварите на нашиот најпрепознатлив бренд, предлагаме колективно учевство на сите жители на општина Прилеп во финансирањето и управувањето на клубот. Односно, навивачката група Мајмуни, предлага секое семејство во Прилеп да има удел во ФК Победа, преку плаќање на симболична месечна надохнада за финансирање на клубот, при играњето на натпревари на домашен терен.
Ако овој наш предлог наиде на широка поддршка, ќе го предложиме до градоначалникот и советот на општина Прилеп, како и до сите релевантни институции, вклучително и политички партии. Да упростиме, со вложување од едно евро месечно по семејство,ќе се обезбеди долгорочна стабилност на клубот и во тој случај клубот би можел да се бори за повисоки дострели, а од друга страна, секој љубител на фудбалот слободно, бесплатно, ќе може да ги следи натпреварите на прилепскиот бренд. Плус на ова ќе се обезбедат бесплатни школи за сите категории млади фудбалери, за да добиеме академија од која ќе произлезат репрезентативци на Македонија.