Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски вели дека нема да попушти, околу вработувањата на рамковните административци во неговата институција, по цена и да биде сменет од директорската позиција откако вчера премиерот Зоран Заев јавно му порача дека мора да ги спроведе владините одлуки.
Во неговата институција требаше да се преземат 35 административци, но според Пауновски, само 12 имаат соодветно образование.
-Овие лица, кои немаат соодветно образование, а бираат работа – односно сакаат канцеларска, а не теренска – нема да ги вработам, вели Пауновски за Сител, зошто смета дека администрацијата треба да биде силна институција, а не партиски орган за вработување.
Заев од друга страна пак вчера порача:
– Околу 750 лица вработени според Рамковен договор се веќе распоредени по институции, 350-360 остануваат за дораспоредување, поради правни формалности, постапка за засновање работен однос, префрлување на соодветните финансии од една институција на друга.
Тој посочи дека сака да испрати порака до сите директори кои прават отпор да не прават отпор, заради тоа што имаат потреба реално, а тоа се наши граѓани и секој ја има шансата чесно да ја работи својата работа, односно да работи.
– Ако не им се работи, дали тие што се преземаат сега или што се досега вработени, треба да им се заблагодариме и да си одат дома. Испраќам, пред се, порака до Државниот инспекторат, кој е многу гласен, треба да ги спроведеме одлуките или да кажеме зошто не се спроведливи самите одлуки, а не да водиме така да кажам јавна војна преку медиумите едни со други. Тоа не ни треба на никој, затоа што ова е нешто кое народот го очекува од кај нас, да нема вработен во јавната администрација кој зема плата, а не оди на работа, рече Заев.