Му се отвараат вратите за Олимписки игри: Светски резултат на прилепчанецот Ангелески

На ден 12.04.2025 година во воздушното стрелиште во Битола во организација на МССФ, а како домаќини С.К РЕК Битола и С.К Пелистер се одржа II -от Куп во спортско стрелаштво со воздушно оружје – пушка и пиштол на 10 метри, во категорија на мажи и жени, јуниори и сениори. Се натпреваруваа 13-тина клубови и околу 70-тина стрелци во сите дисциплини и категории.

Во дисциплината воздушна пушка мажи, а воопшто и во апсолутна конкуренција во дисциплината воздушна пушка најуспешен беше Мартин Ангелески од Прилеп, кој настапува за СК Стрелец Скопје. Мартин постигна личен и државен рекорд со испукан светски резултат од 630,5 кругови кој ветува финале на било кој меѓународен натпревар, Европско или Светско првенство. Мартин Ангелески ја започнува натпреварувачката сезона за 2025 со доста висок резултат и добра форма која ветува во наредниот период резултатот да се повтори и подобри со континуиран тренинг, што му отвара нови врати за веќе започнатиот олимписки циклус до Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година.

По натпреварот Претседателот на МССФ Јордан Тасевски се заблагодари на сите клубови, тренери и стрелци за заедничкиот придонес и развој на резултатите и стрелаштвото во изминатите 5 години кои се резултат на новонабавената во континуитет опрема и оружје како и целосно електронизирани стрелишта во Битола, а наскоро и во Скопје во новиот Национален Стрелачки Центар во спортската сала Партизан во Општина Карпош каде воедно ќе се одржува и Европскиот Олимписки Фестивал за млади во Период од 18-26.07.2025 година.

Високите резултати кај Македонските стрелци се резултат на поддршката од МССФ на клубовите и спортистите како и макотрпната секојдневна работа во клубовите кои и во лоши и во добри услови не се откажуваа од работа и тренинзи во своите клубови со своите Претседатели и тренери.

Во развојот на МССФ и клубовите од големо значење се и субвенциите од Министерството за Спорт кои се користат за основни потреби на клубовите како и за набавка на софистицирана опрема за квалитетно функционирање и добар тренажен процес во клубовите и националниот тим.

ИЗВОР И ФОТО: mssf.org.mk




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.