Македонската телевизија откри кој е виновникот за тоа што немаше директен пренос од мечот помеѓу нашиот Работнички и руски Рубин Казан, откако деновиве јавноста бурно го нападна јавниот сервис поради тоа што не врши директен пренос од плеј-офот во квалифкациите за групната фаза во Лигата на Европа, пишува Спортклуб.мк.
Како што објави на својот Фејсбук профил, одговорниот уредник на спортската програма, Тони Стојановски, до пренос на дуелите на Работнички не дошло, само затоа што тимот не сакал и не дозволил тоа да се случи.
„Уште едно едноставно објаснување, МТВ сакаше да прави пренос од натпреварот Работнички – Рубин. Побаравме, а не добивме понуда. Со други зборови, Работнички не сакаше и не дозволи. Нема никаква позадинаа од наша страна. Нема ни лутење. Тие можат да одберат да не бидат емитувани во Македонија. Во групната фаза ќе биде поинаку, во неа МТВ е играч“, напиша Стојановски.
Од чудни причини Работнички не сака неговите натпревари да се пренесуваат на македонската телевизија и како што тврди МРТ клубот не дозволува да бидат емитувани во Македонија, поради што во спортските кулоари се поставува прашањето дали Работнички го прави тоа како начин да привлече повеќе публика, односно да продаде повеќе влезници од кои ќе има поголема заработка?!
Од јавниот сервис и претходно беше соопштено дека кај МТВ постоела силна желба да ги пренесува сите европски натпревари на Работнички летово, но не добиле дозвола од клубот за тоа.