Мотив му е Олимписки медал: Интервју со Матеј Белистојаноски, 16-годишното момче од Прилеп на кое веќе треба да сме горди

Матеј Белистојаноски е 16-годишно момче од Прилеп за кое изминатиов период медиумите бомбастично известуваат. А има и зошто, Матеј прави растур каде и да се појави на татамите, не само на домашен терен, туку и на Балканот и пошироко. Само пред десетина дена Матеј освои злато и сребро на гранд при во Словачка, а претходно и злато во У-21 во Самобор Хрватска и бронза на Европското карате првенство минатата година во Тампере, Финска. Ова се само мал дел од неговите досегашни успеси и увертира во тоа што следува. Во продолжение разговараме за неговите идни планови и почетоци на спортската кариера.

Матеј е ученик во втора година во прилепската гимназија “Мирче Ацев”, а карате тренира од 4-годишна возраст…

Зошто и како се заинтересира за овој спорт?

-Татко ми има клуб и бидејќи немаше кој да ме чува додека беше на тренинг ме носеше на тренинзите, па така несвесно почнав и јас да тренирам и најверојатно имајќи борбен и натпреварувачки дух го засакав каратето.

Во кој клуб почна да се натпреваруваш?

– Од 8 години почнав со натпревари на турнири но под странски клубови, затоа што во Македонија дозволено е натпревар во борби над 10 годишна возраст, а на 10 години почнав официјално со натпревари како член на Карате Клуб “Спорт 94” од Прилеп под раковотство на мојот татко Петар Белистојаноски, кој е бивш освојувач на европски медал, најдобар спортист на Македонија за 1994, успешен селектор на јуниори, У21 и сениори, а моментално Претседател на Карате Федерација на Македонија.

За кој клуб настапуваш сега?

– Во јануарскиот преоден рок ги променив клубските бои и сега сум член на моментално најдобриот и најуспешен клуб во Македонија па и пошироко, Карате клуб “Олимпик 2007” од Скопје, под раковотство на селекторот на “А” репрезентацијата Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски.

На кои достигнување си најмногу горд?

– До сега сум бил 3 пати Државен првак во категорија деца, 2 пати кадетски првак на Македонија, еднаш во јуниори, што значи дека на државно првенство во Македонија досега немам изгубено. Бев Балкански првак во У12, второ и трето место на Светски јуниорски лиги во У14, трет на јуниорско балканско првенство, ги освоив Гранд при турнирите во Хрватска и Словачка, дури и во повозрасните категории до 21 година, бев петто место на Европско Првенство во кадети (во полуфинале загубив неправилно со дисквалификација,но тоа е спортот), но најгорд сум на бронзениот медал на јуниорското Европско Првенство во Тампере Финска.

Кои се твоите идни планови?

– Сега сум во подготвителниот период пред Европското првенство во јуни во Прага Чешка, каде што ќе атакувам на титула европски првак, а на крајот на октомври ме очекува и Светското првенство во Турција, каде се надевам дека ќе дојдам до борба за медал.

Која е твојата цел во спортот?

– Јас својата иднина ја гледам во спортот. Главниот пик ми е медал на Олимписки игри, Светско и Европско првенство во сениорска конкуренција и ќе го дадам својот максимум за да стигнам до таа цел.

Што ќе им порачаш на спортистите?

– Со посветеност, упорна и напорна работа, секојдневни тренинзи и по 2-3 часа, верба во себе може да се исполнат желбите и соновите и да се искачиш највисоко на светскиот пиедестал.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.