Во најновата петочна колумна, новинарот од Прилеп, Зоран Момироски пишува за партиските комбинаторики околу потенцијалните кандидати за градоначалници.
-Изборни игранки и мали циркузи ќе гледаме толку колку што има интерес и кандидати и за градоначалници и за советници. Од самиот почеток може да се забележи ,,НАВАЛИ НАРОДЕ – ОВДЕ ИМА ДОМА НЕМА,,. Допрва ќе има ,,играорци,, кои ќе се фаќаат на орото, особено кога и СДСМ ќе ја отвори постапката за предлози и анкетирање како што тоа го направи ВМРО-ДПМНЕ.
Но,тука не запира играта. Откако дојде насоката од Централата во Прилеп да биде евидентиран актуелниот Борче Јовчески, повеќе како про форма и претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Дејан Проданоски како сигурен можен иден кандидат за градоначалник, Мицкоски се предомисли и побара право и тој да си предложи свое кадровско решение.
Суптилно, повеќе како самопромовирање ама не верувам дека без да добие премолчена согласност преку портали се појави и сегашниот заменик градоначалник Диме Бозоски. Само неколку дена како можна кандидатка своите амбиции ги афирмира и претседателот на советот Ирена Стерјска-Локвенец, но и екс градоначалникот Маријан Ристески, актуелен заменик министер за економија.Инаку во последно време во Прилеп почнаа да го викаат ,,ПОТРОШУВАЧКА КОШНИЧКА,,.
Многумина па и од противничките партиски табори се со став дека ако евентуално Мацио биде кандидат, што е многу тешко тогаш нема што другите партии да очекуваат, иако позициите на партијата се дека кој и да биде победата е во владеачката партија. И додека тапанот си врти, чаршијата нагаѓа, упатени преку контакти тврдат дека за некои општини ќе има сериозни договори и меѓусебна подршка на ВМРО-ДПМНЕ со СДСМ.
Во овие комбинаторики се претпоставува дека во Општините Кривогаштани и Долнени градоначлниците да бидат од СДСМ.За возврат во Крушево да биде од ВМРО-ДПМНЕ и така натаму. Колку од овие претпоставки и наѓања има вистина ,,пазарот,, допрва ќе покаже – пишува Момироски во дел од колумната.