Моликата е под опасност, пожарот кај Битола се шири

Секторот за односи со јавност на општина Битола, доцна попладнево испрати соопштение со кое информира за голем пожар кој го зафати потпелистерието, а е лоциран во атарот на селото Ротино.

Од општина Битола информираат дека екипи на Територијалната противпожарна единица-ТППЕ, Битола се на терен, но засилениот ветер, го разнесува и проширува пожарот кој претставува закана за моликовата шума.

Имајќи ги пред вид околностите и тешко пристапен терен, ангажирани се противпожарните служби, јавните претпријатија на локално и државно ниво, надлежните служби за заштита, спасување и ЦУК. Локализирањето и гаснењето на пожарот е исклучително тешко. Состанок одржа и Кризниот штаб за заштита и спасување со кој раководеше градоначалничката Наташа Петровска и донесен е заклучок за ангажирање на ДЗС со активирање на механизирани средства кои би дејствувале од воздух, нагласуваат од тамошната локална самоуправа.

Во моментов пожарот го гаснат екипи на ТППЕ-Битола, едно противпожарно возило од РЕК Битола и едно од Општина Ресен, а во акцијата се вклучени и вработените во НП Пелистер, како и локалното население.

Инаку во текот на денот ТППЕ-Битола регистрирале шест противпожарни интервенции, односно во атарот на селата Ниже Поле, Драгожани, во Мариовскиот дел и во Нова Битола.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.