Брз напредок на ЕвгенијТемелкоски. Веќе е младински репрезентативец
Во периодов на голема криза поради коронавирусот, доаѓаме и до убави спортски приказни. Нашиот млад сограѓанин, 19-годишниот Евгениј Темелкоски, бележи значаен напредок во кариерата. Како дете талентирано за спорт, со ракометот тргна од родниот град, а сега веќе е член на клубот Голден арт КЛ 7, сопственост на КиреЛазаров. Да се биде по вкусот на една светска ракометна ѕвезда, тоа е голема награда и привилегија. Патот до таму не беше лесен.
– Со тајните на ракометната игра се запознав во Академијата на некогашниот македонски репрезентативец Гоце Макалоски. По неколку успешни сезони како леворак бек, есента 2018 година преминав во РК Прилеп, каде бев дел од сениорскиот тим кој предводен од тренерот Пеце Велјаноски – Стипе, се натпреваруваше во Суперлигата – се потсетува Темелкоски.
Пролетта во 2019 година, во вториот дел од сезоната, веќе прераснува во еден од лидерите на младата екипа, предводена од амбициозниот тренер Адријано Котевски. Паралелно игра и за Младинската екипа, со која на завршниот турнир го освојува второто место во државата – вицешампионската титула. Влегува во идеалниот тим, како најдобро десно крило во целата младинска конкуренција. Есента заминува на студии по македонски јазик во Скопје, град каде ја продолжува ракометната кариера.
– Играв за новиот суперлигаш, Работнички, до пред завршувањето на годината, кога добив повик да се придружам на прволигашот Голден арт КЛ7. Клубот, иако формиран пред само една година, беше еден од главните претенденти за влез во Суперлигата, но се случи прекинот на првенството. Сепак, административно е одлучено клубот да биде суперлигаш, така што наесен ќе имам можност да се надигрувам со најдобрите ракометари во земјава – вели Темелкоски.
Тој се надева на повторен повик во Младата репрезентација, со која во април требаше да патува во Белгија, на турнир кој се откажа поради пандемијата.
И Прилеп суперлигаш
Машката Суперлига се проширува на 14 екипи. Меѓу нив е и Прилеп, досегашен прволигаш. Други нови членови на Лигата се Тиквеш (Кавадарци), Астраион (Струмица), Голден арт КЛ7, Јуниор КВ (Скопје) и Младост (Богданци). Суперлигашкиот статус го задржаа, Металург, Пролет Бутел, Работнички (Скопје), Охрид, Радовиш, Пелистер (Битола) и Струга, а во плеј-офот, меѓу најдобрите шест тима, ќе се приклучат Вардар (Скопје) и Еурофарм Пелистер (Битола).
Извор: “Неделник Зенит”