По иницијатива на таканаречената група “Манки странки” составена од 20-тина прилепски навивачи на ФК”Победа”, кои живеат по целиот свет, се организираа меѓу себе преку социјалните мрежи и со финансиска помош го помогнаа овој проект, кој всушност е и нивна идеја.
Идејата е во неколку етапи, во период од година и половина, да се украси стадионот со уметнички графити складни за секоја генерација. Ѕидот се наоѓа позади голот од источната страна и е со големина од 75 метри, а се ангажирани 3 ликовни уметници од Прилеп. Засега е насликан половина од ѕидот, додека втората половина ќе се слика од 15-20 август.
Овие прилепски навивачи иселеници годините во минатото ги поминале на стадионот “Гоце Делчев” и во себе се’ уште ја носат љубовта за “Победа”, па нашле начин како да се организираат и повторно да им помогнат на навивачите.
Од “Манки странки” велат дека два до три пати во годината можат да се организираат и да поддржат некој проект, кој е во интерес исклучиво на навивачите од Прилеп.
Прва таква акција на оваа група, заедно со неколку сегашни и бивши фудбалери на Победа, беше новогодишната хуманитарна акција за децата од специјалното училиште на ООУ “Климент Охридски”, каде обезбедија богати подароци за Новата 2022 година.
Од групата имаат замисла уште еден поголем проект за наредната година, а се работи за спортско рекреативен парк, но и место за збирање на навивачите пред натпревар, како и специјален влез за кафезот на јужната трибина.
Во меѓувреме се изготвува 3-d решение, но исто така се чека деталниот урбанистички план, за да може да го промовираат проектот и да се започне акцијата за собирање на сретства од прилепските навивачи и вљубеници во Победа.