Медиумската писменост е во фокусот на обуките кои се одржуваат во рамките на проектот „Младинска медиумска лабораторија“, кој го имплементира граѓанската организација „Граѓански Патеки“ во партнерство со здруженијата „ИКТ Свет“, „Журналист“, „Од млади за млади“, „Младинска Граѓанска Акција“ и „Еко герила Преспа“.
14 млади луѓе од општините Битола, Прилеп, Новаци, Могила, Крушево и Ресен се приклучија на обуките во Битола, со што имаа можност да учат од истакнати медиумски професионалци и експерти во ИТ секторот.
Новинарките, д-р Анета Шијакова и м-р Жанета Здравковска, ги запознаа со основите на медиумската писменост, професионалните новинарски стандарди и потребата од проверка на фактите во функција на борба против дезинформациите. Д-р Зоран Котевски, редовен професор на Факултетот за информатички и комуникациски технологии, зборуваше за улогата на новите технологии во областа на медиумската писменост, но и нивната злоупотреба за дезинформирање како дипфејк манипулации и хибридни закани.
Младите учесници покрај тоа што се вклучени во обуки од областа на медиумската писменост, низ менторска програма ќе учат да пишуваат блогови и да креираат поткасти. Целта е зајакнување на вештините на младите за критичко разбирање на медиумските содржини.
Проектот се реализира во рамките на регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“, која се имплементира со финансиска поддршка на Европската Унија од партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот институт за медиуми, Медиацентар Сараево, Советот за медиуми на Косово, Црногорски институт за медиуми, Македонски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.
Проектните активности се дизајнирани да ја едуцираат младата популација на критичко разбирање на информациите кои секојдневно им се пласираат преку медиумите и социјалните мрежи.
Проектот ги мобилизира младите од граѓанските организации во соработка со професионални новинари да учествуваат во едукацијата на поширока популација на млади и воопшто на граѓаните за улогата на професионалните медиуми и заканите од дезинформациите.