Младите пијанисти од музичкото училиште “Ордан Михајлоски-Оцка” од Прилеп направија бум на меѓународниот натпревар „Даворин Јенко“ во Белград Р. Србија. Талентираните прсти на учениците се закитија со 5 награди, на натпреварот каде учевствуваа натпреварувачи од: Австрија, Словенија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора и Бугарија.
Мајсторски подготвени од нивните ментори, овие ученици се секогаш меѓу првите во својата генерација и изнудуваат воздишки и аплаузи на секоја сцена каде ќе се појават.
Во Белград од класата на професорката Христина Никоска, Арсениј Ангелески се закити со прва награда, Марија Котеска со втора, а Исидора Ангелеска доби Пофалница.
“Учениците се покажаа во вистинско светло, сите се доста талентирани и ги освоија симпатиите и аплаузот на публиката. Со сигурност од нив ќе израснат големи уметници кои ќе живеат со музиката”, не го криеше своето задоволство професорката Христина Никоска.
Освен што се дружат со класичната музика на часовите, учениците ни открија дека се вљубени во неа и дека ја слушаат и дома. Велат дека не е тешко да се музицира и да се свири класична музика, едноставно уживаат.
Второнаградената Марија Котеска е ученичка во ООУ “Koчо Рацин” и освен што одлично свири, работи и на компонирањето, каде веќе има создадено една композиција.
Арсениј Ангелески, малиот виртуоз не плени со неговата насмевка. Неговата срамежливост пред микрофон, не значи ништо пред пијаното. Долга е листата на награди кои има освоено ова момче. Неговиот омилен композитор е Франц Лист.
Исидора Ангелеска не е ништо помалку вљубена во музиката и пијаното. Напорно работи за следните предизвици, а особено на приемниот испит за средното музичко училиште.
Со втора награда се закитија и Дафина Момироска од класата на професорот Денис Најдоски и Анастасија Петреска од класата на професорот Кире Гаралоски.
Музичкото училиште неодамна го доби и својот нов изглед, се изврши компетно реновирање после 93 години од постоењето на објектот, а исто така со донации и сопствени средства беше набавено и ново концертно пијано.
“Се трудиме да бидеме присутни на сите натпревари и да им обезбедиме на учениците целосен музички развој. Новите услови за работа и новото концертно пијано целосно го подобрија работењето и функционирањето на училиштето, а резултатите од тоа се видливи”, истакна директорот Игор Николоски.
Малку се сите зборови да се долови талентот на овие деца. Доволно е да се каже дека навистина не убедија во нивната посветеност и би рекле тврдоглавост за успех. Имаат големи планови, а уште понапорно работат за да ги остварат тие планови. Им посакуваме плодна музичка кариера пред нив и уште поголеми успеси во иднина.
Нареден предизвик за овие млади пијанисти е Државниот натпревар во главниот град.