Марјан Радески е супер талентираното фудбалско момче од Прилеп. Чекори кон подем, чекори кон голема фудбалска кариера, работи напорно и верува во себе. Низ моменталното сивило на квалитет во фудбалската репрезентација, ова момче дава сјај и ги потврдува сите пофални зборови, и целата блескава игра која ја прикажува и во својот клуб за кој настапува. Прилеп бил и порано расадник на вакви имиња, се надеваме дека Марјан е иднината на фудбалот не само за Прилеп, туку и за целата нација. Веруваме дека му претстои блескава фудбалска кариера и дека ќе го достигне врвот и височините на фудбалската слава. Денес Марјан Радески одговори на прашањата на маркукуле.мк
Здраво Марјан и добредојде на маркукуле.мк !
Фудбалот велат е главната споредна работа во светот. Така е во светот, така е и кај нас.
Како се заљуби ти во оваа магична игра и на колку годишна возраст започна да сонуваш за фудбал?
Moјата фудбалска авантура за започнав на осум годишна возраст. Првите чекори во фудбалот ги направив во фудбалската школа “ТОНИ” и се потоа одеше чекор по чекор.
Кога за тебе започна фудбалската авантура како професионален играч и каде за прв пат ги истакна своите фудбалски капацитети?
За прв пат шанса во Првата Македонска фудбалска лига добив во екипата на 11 Октомври, каде за прв пат и ги покажав своите можности и умешности со топката на попрофесионален начин. Таму тренери ми беа Дарко Крстески и Тони Наумоски. Првиот пак професионален договор го потпишав во екипата на Металург, каде и дебитирав со гол против Вардар.
Сега настапуваш за екипата на Шкендија, и постојано го има твоето име во листата на стрелците. Како беше пречекан Марјан Радески во оваа екипа, постои ли респект кон тебе и твојата игра, и колку навивачите на Шкендија знаат да ценат кога некој дава се од себе за нивниот тим?
Да моментално настапувам за екипата на тетовска Шкендија. Од навивачите сум беспрекорно ценет и почитуван, така да се е во ред. Имаме амбиции за двојна круна и сите сме насочени кон реализација на овој план.
Ситуацијата со македонскиот фудбал е релативно лоша. Несредена инфраструктура, немање финансии, лошо навивање и.т.н. Што е она што треба да биди императив на фудбалските власти во однос на средување на оваа ситуација?
Па видете искрено сметам дека Македонија поседува огромен потенцијал и талент за фудбал. Постојано имаме напредни деца кои умеат со топката. Но сметам дека ситуацијата во македонскиот фудбал треба најпрво да се подобрува инфраструктурно, па потоа се друго. Потребни ни се подобри терени пред се.
Настапуваш за младинската репрезентација, имаше настапи и за сениорската. Конкретно за младинската репрезентација, на што се должи овој напредок и одлични резултати, како што беше со Франција, Украина, Северна Ирска и што можеме да очекуваме од овие млади момчиња?
Со младинската репрезентација мислам дека можеме да дојдеме до нешто, кое на никој до сега не му успеало. Јас се надевам дека имаме шанса за пласман на Европско првенство за млади играчи. Тоа е тоа што со сигурност би требало да се очекува од нас.
За кој фудбалски тим навива Марјан Радески?
Мојот омилен фудбалски клуб е Арсенал
Имаш ли свои фудбалски идоли?
Да се разбира, омилен играч ми е Алексис Санчес.
Каде се гледаш во иднина, што е твојата цел во фудбалот?
Мојата моментална цел во фудбалот е освојување на двојна круна во македонската лига оваа година со мојот клуб Шкендија, а до година и да се претставиме добро како екипа и во европските натпреварувања.
Порака до читателите на маркукуле.мк
До сите читатели да го сакаат фудбалот, а до оние кои се занимаваат со него, топло им препорачувам напорно да тренираат, затоа што може да им донесе многу радост како ништо друго.
Подготви: Александар Георгиоски