Мицкоски ја фрли ракавицата: Наместо на тет а тет средба, Заев ајде на ТВ дуел да збориме за името, но и за твоето катастрофално владеење

Вечерва ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на Централниот Комитет, по крајот на седницата претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски одговараше на новинарски прашања. Тој беше прашан околу поканата која ја доби премиерот Заев за тет а тет средба и кажа дека биле прилично јасни во нивниот став и кажале дека вака сериозни прашања одговорни политичари, државници кои што и мислат добро на својата татковина, кога станува збор за едно вака сериозно прашање е логично да отворат фронт на консултација со што е можно поголем број на целни групи.

– Една таква целна група е и ВМРО-ДПМНЕ, политичката партија но и сите политички партии што се парламентарни, бидејќи е логично да тие партии одлучуваат понатаму за некаков евентуален, хипотетички договор помеѓу Република Македонија и нашиот јужен сосед. Цениме и сигурни сме дека лидерска средба во присуство на Претседателот на државата ќе биде од огромно значење и можеше да биде и поддршка во целокупниот овој процес за надминување на проблемите околу нашето уставно име што го има нашиот јужен сосед, и ценам дека одбивањето е чин на голема неодговорност, покажување на пркос, на лажни основи, покажување на непочит кон Македонскиот народ, непочит на оние луѓе кои што ги гласале тие политичари, без разлика дали станува збор за ВМРО-ДПМНЕ, другите парламентарни партии, Претседателот на државата, но и непочит кон сите останати институции во оваа држава, од кои што може да се научи како што е МАНУ, универзитетски професори, уметници итн.

Тој додаде дека Прашањето се банализираше на прашање дали има претседателот на влада и Заев време да ме прими мене на тет а тет средба или нема.

-Како човек како претседател на најголемата опозициона партија и најорганизираната политичка сила во Република Македонија ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја искористам оваа прилика еве и да му одговорам на претседателот на владата на неговата покана на тет а тет средба. Истата можам да ја прифатам, но наместо во неговиот удобен кабинет да го повикам на телевизија да можеме да се соочиме на една тет а тет средба пред граѓаните на Република Македонија. Да дискутираме за ова прашање да може он да ги информира граѓаните Република Македонија, како преговара за што преговара. Но, и да дискутираме за сите оние фаули што ги прави на полето на економијата, на немањето реформи, во образованието, во здравството, да дискутираме за сите оние погрешни политики кои што се случуваат оваа измината една година, така што еве можност да можат граѓаните да видат за каква политичка гарнитура станува збор, а ние се разбира да можеме да слушнеме да видиме и да ја дознаеме конечно таа лекција која што така одамна ја најавуваше само да можат граѓаните да ја слушнат, па можеби и ќе научиме нешто, изјави Мицкоски.

Мицкоски беше запрашан и дали е поканет на лидерската средба која се најавува.

-Не, не сум поканет. Утре патувам во Софија имаме Самит на Европската народна партија, веќе се потврдени неколку средби, ќе биде јавноста навремено информирана за тие средби и за содржината на разговорите кои ќе се водат на тие средби. Така што, до овој момент нема никаква информација за евентуална лидерска средба во петок. Јас како што знам во петок во Охрид сум поканет во 7 ипол часот на завршна вечера која што е дел од процесот така наречен Жан Моне кој што ќе се случува во Охрид, на наше инсистирање, за време на посетите во Брисел, но и посетите на евро- тројката во Република Македонија, така што не знам зошто во јавноста проструи таква дезинформација, но имајќи во предвид од кои кругови доаѓа и е за очекување на една таква дезинформација. Не станува збор ако мислите на тој настан за евентуална лидерска средба, напротив станува збор за една завршна вечера на која што ќе присуствувам, која што ќе биде во времетраење претпоставувам не подолго од еден час и каде што повеќе или помалку ќе дискутираме за формални работи, а не за суштински, изјави Мицкоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.