Во вонредното издание на Отворено на Алфа Телевизија гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека во текот на утрешниот ден ќе одржи состанок со сите набљудувачи на изборите за во недела на избирачките места да нема неправилности.
-Ние мора да се избориме, ние сме чувари на демократијата. Утре лично имам состанок во 8 часот со сите набљудувачи што се распределени на избирачките места ширум Македонија. И јас сум еден од тие набљудувачи, и јас ќе бидам набљудувач на изборно место во Сарај. Граѓаните не смеат да дозволат да се украде нивниот глас бидејќи треба да знаат дека тие се суверен владетел на својот глас позади гласачката кутија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој рече дека победник на овие избори и иден Претседател е Гордана Силјановска Давкова, а се што ќе е поразлично од тоа би бил изборен фалсификат. Мицкоски рече дека ќе сторат се за да ја заштитат демократијата и вистинската Европска иднина на Република Македонија, за разлика од иднината која властодршците, како што ги нарече СДСМ и Зоран Заев, ја претставуваат на плоштадите, а позади завесите бројат украдени пари од граѓаните.