Институциите од денеска ќе реагираат во однос на цените во маркетите, а доколку трговците продолжат со зголемување на цените на одредени производи реакцијата ќе биде уште по робусна во периодот што следи, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања по отпочнувањето на проектот за реконструкција на коловозот на патот кон Манастирот „Пеленица“ во Општина Кисела Вода, претседателот на Владата не откри со какви мерки ќе се соочат трговците, туку нагласи дека граѓаните ќе бидат сведоци на тоа во периодот што следи.
Мицкоски посочи дека вчера во Владата разговарале со сопствениците на сите големи супермаркети и оти оставиле добра воља да не биде со пристап кој ќе значи ограничување на цени и.т.н, за кои тие велеле дека е непопуларна мерка.
– Сакавме да слушнеме од нив на добра воља да се поразговара и да се донесе заедничко решение, кое ќе биде прифатено. И тоа се случи. Тоа што некој од нив се служат со трикови, тоа е друга работа. За тоа ќе има соодветни процедури, трае анализата и тие процедури деновиве ќе бидат аплицирани, рече Мицкоски.
Смета дека не е добро што си играат со трпението на граѓаните и оти во периодот пред празници на одредени производи цените биле зголемени и за 25 отсто.
-Тоа што тие мислеа дека ќе не надмудрат на овој начин и си играат со трпението на граѓаните и на Владата мислам дека не е добро и треба да си го преиспитаат однесувањето. Ова не е коректно однесување, посебно пред празници на ваков начин не треба да се прават големи профити. Затоа што граѓаните очекуваат од нивна страна разбирање и во најмала мерка да биде така како што било, а не наеднаш да се зголемуваат цените на одредени продукти. На одредени продукти за 25% се зголемени цените на производите. Тоа не е етичко однесување, туку би рекол нечовечно однесување, подвлече Мицкоски.
Премиерот вчера апелираше до трговците да го преиспитаат своето однесување во однос на цените на прехранбените производи и најави дека ќе побара од Пазарниот инспекторат вонредна инспекција со цел да се утврди како цената на одредени основни производи е зголемена во изминатите 30 дена.