Мицкоски од Штип: Ова е битката на нашата генерација за спас на татковината, на 30-ти септември слушајте го срцето и постапете како што вели разумот

Ми велат никогаш не треба лидерот и претседателот, неговите следбеници и следбениците на идејата да го видат на колена, но јас имам еден одговор на тоа- ако претседателот и лидерот на клекне пред луѓето кои ја следат каузата и идејата за Република Македонија и за независна Република Македонија, тогаш не ја заслужува нивната доверба.

Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го почна својот говор на протестниот марш во Штип, клекнувајќи и поклонувајќи се пред големиот број на граѓани кои јасно кажаа „НЕ“ за промена на името.

Во продолжение следува интегрален текст од говорот на Мицкоски.

Трнлив бил патот на Македонија низ историјата. Секогаш исправана пред предизвици, неправди и апсурди.

Стојам пред вас како пријател, и стојам пред вас како ваш сонародник, човек загрижен за истите работи за кои сте и вие загрижени. И како пријатели и сонародници, не смееме да имаме тајни меѓу себе, туку отворени срца и добри намери, за заедно да им погледнеме на проблемите во очи, затоа што поприлично ни се насобраа во нашата држава во последнава година и половина.

Но, пред да продолжам, дозволете да истакнам дека ми е посебна чест што сум денес овде, во градот Штип, во чија близина се родиле, престојувале и дејствувале едни од најголемите синови на македонскиот народ. Голема почит кон Гоце Делчев, Даме Груев, Тодор Александров, генералот Михајло Апостолски, поетот Ацо Шопов, првиот премиер на независна Македонија Никола Кљусев, Првиот министер за внатрешни работи Мијалков, првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров и многу, многу други.. Нема многу места што можат да се пофалат со вакви дејци, и јас во оваа прилика ја изразувам мојата најдлабока почит.

Иако скромноста не ми дозволува да мерам било што со големината на нивното дело, одлучноста што денес ја гледам на вашите лица ми дава надеж дека во најмала рака можеме да бидеме нивни достојни наследници.

А како ќе бидеме? Ќе бидеме единствено доколку се бориме за Македонија, со чиста мисла и со срце и мудрост. Белким ќе беше полесно и за Кљусев и за Глигоров доколку се согласеа на се што бараше јужниот сосед од нас тие деведесети, но тие не го направија, зошто не дозволија да бидеме понижени.

Денес има политичар кој го прави тоа и не се срами. Го имаме Заев и неговата владина свита. Човек и луѓе кои немаат никаков проблем да зборуваат колку го почитуваат минатото, додека мртви-ладни на дело формираат комисија која ќе ни ја ревидира историјата, како обврска која тие си ја преземале во име на сите нас, иако никој не им го дал тоа право. И уште поважно, спроведуваат одредба од договор што Заев и Димитров сами си го потпишаа и најважно од се – спроведуваат одредба од договор кој воопшто не е стапен на сила само да му се допаднат на Ципрас и Коѕијас.

Кога ќе ги прашаат, изговорот им е дека историјата мора да се потчини на политиката, како влог за подобро утре. Некако ми се чини дека ова подобро утре на Заев и СДСМ бара премногу влогови. Затоа што не им е првпат.

Прво ни го вложија името за меѓународна употреба, па го вложија државното знаме, па ја вложивме територијалната поделба, па сега од нас бараат да вложиме се што ни преостана и на што недвојбено полагаме суверено право: македонскиот устав, македонскиот идентитет, македонското име, нашите сонародници во соседните држави…. Влогот е се поголем и поголем, а тоа нивно подобро утре никако нема да дојде! Брутална лага, дрскост и ароганција.

Но, драги мои пријатели, по се изгледа дека не е до величината на влогот и жртвата која постојано и постојано СДСМ бара да ја направиме, туку е до неспособноста на луѓето кои ја водат оваа партија, а во моментов, за жал, ја водат и нашата татковина. И тоа не ме чуди, кога пак било со нив поинаку?

Но, единствено што ме чуди, морам да бидам искрен, е одлучноста со која по не знам кој пат СДСМ ита кон бездната и не повикува сите нас на скок во неа заедно со нив. Тоа задоволство нема да им го дозволиме, имаме право на борба до последен здив.

Не можам, а да не стекнам впечаток дека секогаш кога СДСМ ја има власта, Македонија ја има се помалку, без некој атрибут, без некое право, без некоја гордост. По кој знае кој пат една безмалку иста група на отуѓени луѓе, кои веројатно себе си се доживуваат како посебни, а сите други како далеку под нив, успеваат со непристојни додворувања и ставајќи ја како влог сопствената држава и нација, небаре е на татко им, да се изборат за позиција, да се дофатат по било која цена до власт, за да продолжат непречено да уживаат во своите привилегии, кои тие ги сметаат за наследни. Не барам да ми верувате на зборот, барам да погледнете околу вас- за само една година на власт арогантно и експлоататорски разграбаа се што можеа, тендери, бизниси, договори во четири очи, илјадници, милиони евра, а на нас ни оставија да ја платиме цената за нивната алчност во вид на платформи и договори кои се надвор од Устав, Закон и народна волја.

И, браќа и сестри, тука е клучот на сета оваа несреќна збрка. Под плаштот на европската иднина на државата се спроведува пљачката на векот. Се злоупотребува силната желба на македонскиот народ и сите наши сограѓани за европски стандард, вистински просперитет, стабилност и сигурност на државата, за да се истера агенда која е против сите наши државни и национални интереси.

СДСМ мисли дека ако дадат се ќе им биде дадено се. Но тој исти трик го имаат употребено премногу пати досега и нема да дозволиме да им помине уште еднаш.

Илузијата која мислат дека успешно ни ја продаваат, како и на многу наврати во нивното минато, силно ќе им се удри од главата еден ден. Никој не сака криминалци и лажговци. Никој не толерира такво поведение, а најмалку сојузите кон кои се стремиме.

Ве повикувам да бидете внимателни. Ве повикувам да бидете претпазливи кон се што кажуваат и во се што сакаат да поверуваме. Сакаат да поверуваме во една лага која ја наметнуваат преку нивните брутални и едногласни кампањи преку напад на сите сетила, без исклучок во првите 20 минути се посветени само и само на една тема, како да се излезе и поддржи договорот, еднолично и манипулативно. Нема простор за спротивставено мислење, за да нема црв на сомнеж, затоа што тие сакаат вие да поверувате во една лага кои тие ја сервисираат како единствена вистина, а зад која се крие наше обезличување како народ и држава.

Па погледнете што има во нивните скапи спотови. Има инсерти од АСНОМ, Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, запамтете ослободување на Македонија, а не на Северна Македонија како што предвидува овој договор кој го нудат. Па АСНОМ е се, што овој договор кој го имаме на маса не е. Има инсерти од фудбалската Репрезентација на Македонија која тие сакаат да ја преименуваат во репрезентација на Северна Македонија. Ама тоа не го кажуваат во спотовите. На билбордите ќе најдете да сме оделе во ЕУ затоа што таму имало бесплатно здравство и бесплатно образование за сите? Уште да кажат има живот за сите, бидејќи тука во Македонија го нема иако го ветуваа пред година ипол? Каква замена на тези, какви лаги само да го сопрат различното мислење. Во нивните спотови ме ставиле и мене, а нели ВМРО-ДПМНЕ било небитно, можеле сами, нели сум имал 2 отсто рејтинг, а Заев пукал од доверба, a сегде празни плоштади каде се обраќа, автобуси носат….тоа значи дека не им оди. И ВМРО е големо и Македонија е голема.

Бессрамно ќе лажат, клеветат, измислуваат, дека сум бил на овој или на оној, сум бил ваков или таков… Не бе луѓе јас сум на македонската и на Македонците, ова е битката на нашата генерација за спас на татковината, историјата ќе запише кој бил на правата страна. Јас сум сигурен кој ќе чекори со гордо исправена глава, а кој ќе ја ведне од срам. Тој има име и следбеници- Зоран Заев и СДСМ.

Луѓе стојам овде пред вас и можам да ви кажам дека Македонија е во опасност, и тоа опасност која доаѓа од налетот на незнаењето, неспособноста, и криминогеноста на врхушката на власт. Сакаат да ни го сменат името, а вие сакаат да поверувате во нивните шарени лаги. Ако договорот бил толку добар и толку прифатен од народот немаше на Заев да му треба тој ветар во грб кој тој го преставува како иднина, а за државата значи провалија. Јас имам еден живот, и не ми е сеедно на што сум го посветил, јас се родив, работам и кога ќе го завршам овој живот сакам да бидам, она што сум Христијан Македонецот, од Македонија. Затоа што тоа биле моите родители, тоа ќе бидат и моите деца.

И така силно грчевито се борат да не се збори за договорот и затоа избега од дебата, човекот кој се колнеше и бараше дебати. Па сакал да му кажам што мислам за апстиненција? Прифати Зоран Заев дебата јас и ти без медиумската машинерија и скапо платените советници, јас и ти очи во очи на било која телевизија, ти ветувам на таа дебата на крај веднаш ќе ти кажам што мислам, за апстиненцијата, но претходно ќе треба и да одговориш за наведнатата кичма, за губењето на идентитетот, за одземеното достоинство на народот, за наместените тендери, за криминалот кој го правиш на дневно ниво и зошто нема никаква санкција за тоа.

Нема вечно обвинителството да биде немо на криминалот а судовите да работат под притисок. Ќе дојде ден ќе се постави прашањето за одговорност и за тоа како среде центар на град сам си кажува дека поттикнува поткуп и врши притисок на фирми само за да луѓето излезат да гласаат на референдумот. Истото тоа го прави со години наназад, дали тоа биле парламентарни или локални избори. Па нели тоа е еден нечесен однос и потценување на својот народ, ова ли се тие европски вредности Заев со кои ти ја полнеа устата на полупразните плоштади ширум Македонија.

Ветувања не остварува, ама барем остана верен на своите клептомански пориви. Типично за Заев човекот кој шибицарски пред камера бараше поткуп од 200 илјади евра, претходно го амнестираа за 8.5 милиони евра тежок сомнеж за криминал, сега поттикнува поткуп среде Крива Паланка. Ништо не е чудно, тоа е пусти Заев кој за тие пари подготвен е се да продаде само фотелјата да ја задржи. А обвинителството продолжува да молчи како надвор да не се случува ништо, како да има „бајка“. Медиумите 20 минути зборуваат за убавиот сон на Заев додека масовна плачка се случува низ Македонија.

И кога вака ќе се притиснати од скандали нормално светлото ќе го свртат кон ВМРО. Па утрината ќе има објави дека ВМРО-ДПМНЕ тивко го гушнала бојкотот, и на истите места вечерта ќе објават дека ВМРО не поддржува бојкот. Тука е и таа изнасилена кампања во која ќе најдат некој кој задолжително ќе го престават како дел од раководните структури на партијата, или па ако не е тоа ќе биде некој роднина на роднината член на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе говори дека морало да се гласа. Ама на овие истиве места нема да слушнете ниту збор за тие се погласни превирања во СДСМ, како поранешниот нивен претседател Црвенковски признава дека не ги бива и не даваат резултати, како крила во СДСМ единствено апсат за функции и елиминираат конкуренција, ама не и за сторен криминал, бидејќи криминалот е широко метастазиран во нивните највисоки кругови.

Ќе креираат квази тема со бомбастичен наслов од типот – „Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот – факт или фикција?” и ќе зборуваат за нешто што не може да биде појасно. Па ќе речат ВМРО нема став за референдумот, и добро нека го кажат планот Б ако не успее референдумот?

Прво, еве, за нив, не за вас, зошто знам дека на вас се ви е јасно, за нив ќе повторам уште еднаш, наједноставно што можам.

ВМРО-ДПМНЕ, почитувајќи ги своите вредности на индивидуална слобода и демократско поведение одлучи да остави на граѓаните на оваа држава да постапат на 30-ти септември по своја слободна волја и убедување! Тоа значи, дека ние нема да наметнуваме партиска агенда, туку ќе учествуваме во дебатата исклучиво презентирајќи факти и аргументи кои сме длабоко убедени дека се на наша страна.

Ова ќе го направиме затоа што сметаме дека за национално прашање, како што е менување на името на државата МОРА да одлучува нацијата. Улогата на партиите во овој случај е да му ги објаснат на народот фактите и последиците, добрите и лошите страни. Во тој процес, партиите имаат должност да ги презентираат фактите такви какви што се и имаат уште поголема обврска да не спинуваат вакви суштински прашања.

Зашто луѓето мораат да знаат, Македонската нација мора да знае, и сите нејзини составни делови, не само Македонците, мораат да знаат какви последици повлекуваат сите можни одговори на овој референдум.

Овој референдум, иако намерно збунувачки срочен, не е изјаснување дали сакаме во ЕУ или во НАТО, туку е референдум за тоа дали прифаќате да се промени името на земјата и дали ги прифаќате сите последици што произлегуваат од договорот.

Мора да знаете дека не гласате за европски вредности затоа што ова е референдум на кој се одлучува дали го прифаќате или не го прифаќате Договорот од Нивици и ништо друго! Гласањето ЗА нема да го промени фактот дека Зоран Заев и следниот ден ќе му дели тендери на брат му Вице, Кочо Анѓушев и понатаму ќе удира по новинари со фломастер, нивните градоначалници ќе продолжат да ги шпиунираат своите соседи и сограѓани, ќе шверцуваат цигари или ќе тепаат жени и што уште не се спремни да направат за таа пуста власт.

Наместо кампања која ја брани нивната одлука да го потпишат овој капитулантски договор, од СДСМ ние добивме кампања која не убедува колку ќе биде убаво кога ќе и се приклучиме на Европската Унија! Не убедуваат во нешто што е добро познат факт. Не убедуваат во нешто во што ние одмана сме убедени! Стотици милиони ваши пари, евра се фрлени во ветар за да ве убедат во нешто во што самите верувате.

Јас ги повикувам да излезат и да го бранат тоа што го потпишаа во Нивици, да дебатираат, и да ги кажат фактите онака како што ние отворено, чесно и демократски ги кажуваме нашите за сите да ги чујат.

Милионски кампањи кои говорат за бесплатното здравство што ќе го добиеме низ цела Европа, што патем е безочно лажење, не се одговор на прашањето зошто во договорот сме наречени како Втората Страна? А не сме Република Македонија.

За среќа, историјата е наука и не подлежи на слободните интерпретации и медиумски спинови на Заев, па сигурно во иднина ќе се врати да не истражува и нас и нив, и нашите и нивните зборови и дела и ќе ги гледа фактите. Еден ден сите ние ќе бидеме нечија историја, на нашите деца и внуци, и се што сакаме е таа историја да биде заснована на македонската вистина, да ја пишуваме на македонски, да ја изучуваме на македонски… Ве прашувам: Многу ли е тоа? Неразумно ли е тоа?

Токму од овие причини, нашиот став за Референдумот ги збунува. Слободата не им е близок концепт…

Почитувани викаат дека немало план Б. Ќе кажам нешто за планот А кој е поважен од планот Б. Планот А, прв и најважен е овие луѓе кои ја водат нашата држава да си заминат од власта која ја имаат заграбено, зошто само така на Македонија ќе и тргне и само така Македонија ќе зачекори вистински кон Европа.

Пред нас е период во кој можеме да покажеме дека сме едно, дека не води една мисла, дека имаме еден пат и дека немаме друга алтернатива, за да им ја предадеме нашата роднина на идните генерации единствена и достоинствена, а не омаловажена и понижена.

„Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни една од друга потуѓи…” ќе рече даскалот Гоце Делчев.

Затоа сакам да се обратам и до членовите на СДСМ. Точно е дека се разликуваме во нашите светогледи, имаме различи политички погледи, но заедничка ни е Македонија и поважна од било која партија. И знам дека ова денес не е СДСМ, ова што и се случува на Македонија е само Зоран Заев и таа тесна клика околу него која се бори за своите лични кариери. Не ги слушајте и одлучете по сопствено убедување и придружете ни се, сочувајте го достоинството. Не е ова прашање за тоа кој ќе биде на пратеничките листи, или директор или функционер, тука се работи за нашата земја Македонија која што ве школувала, одгледала, ви дала можност да напредувате и да создадете семејства. Придружете ни се отворени ви се вратите, оставете го Зоран Заев и кликата околу него.

Ова се историски времиња, и само оние кои не сакаат да разберат што сакам да кажам се прават дека ВМРО не ги оправдува очекувањата. И го напаѓаат, заборавајќи дека државата има еден проблем тоа е Заев.

Ве повикувам да останете принципиелни, чесни и искрени само така никој ништо не ни може, никој ништо не ни смее. Нема сила која нешто може да ви направи, бидете достоинствени и горди.

Ве повикувам да бидете горди и бескомпромисни во чувањето на нашата Слобода!

Зашто ние не сме ниту неконструктивен елемент, Ние не сме ниту пазарџии како Заев, Ниту пак се занимаваме со лаги и манипулации.

Сите вие кои во срцето ви е Македонија,

Сте луѓе на организацијата, а организацијата е на народот,

И Ние и служиме единствено на Македонија!

Исправено, гордо, пркосно против неправите.

На 30-ти септември слушајте го срцето и постапете како што вели разумот.

Да живее ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.

Да живее Република Македонија!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.