Мицкоски: Овие избори нема да бидат вратата на ДУИ за во Владата, интригите и игрите од Зајас и Мала Речица нема да поминат

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот настан Саем – Отчет, четири години работа за тебе рече дека на овие избори на површина ќе излезат се уште живите непринципиелни коалиции на криминалот, корупцијата и личните интереси.

„Еден човек ми вели го готвите ДУИ да ви биде партнер во владата. Мојот директен одговор е ДУИ уште долго ќе биде во опозиција, затоа што досега не научи ниту една лекција. Не ги ставивме во опозиција за да без ниту една научена лекција се вратат на власт. Тие таму припаѓаат со нивниот коалициски пајташ во криминалот и ударите по Македонија, СДСМ“, рече Мицкоски.

Мицкоски укажа „ќе бидам многу јасен и многу прецизен овие избори нема да бидат вратата на ДУИ во Владата, и интригите и игрите од Зајас и Мала Речица нема да поминат“.

Според Мицкоски, Македонија ќе им каже не на СДСМ и ДУИ и „нема да се врати во минатото каде здружно го грабаа РЕК, купуваа трговски центри среде Скопје, внучињата стануваа познати милионери, играа фудбалчиња по институциите, се удираа во гради дека владеат со Македонија, а кога се смени власта усвет и мајка бежанија фатија за да не одговараат пред законот“.

Мицкоски посочи дека кога зборуваме за чесност и за одговорност во политиката, мора да ја откриеме и вистината за валканите игри што се подготвуваат зад кулисите.

„Повеќе од јасно е дека ДУИ и СДСМ имаат таен план, но не за народот, туку против народот. Тоа е сценарио мислено и координирано меѓу овие две партии – сценарио за хаос, за политичка магла и за манипулација. Со инфлација од независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот, да ја изиграат демократијата и да ја заматат чистата слика на нивниот историски пораз што доаѓа“, кажа Мицкоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.