Мицкоски: Нема прекини во снабдувањето на гориво, имаме најниски цени на горива во регионот (ВИДЕО)

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изврши увид во изградба на пречистителната станица во населеното место Кучевишка Бара, Општина Чучер Сандево.

Вкупниот износ на овој проект изнесува 129.717.440 денари. Премиерот по увидот даде изјава за медиумите, а воедно одговараше новинарски прашања за моменталите зголемувања на цените на нафтата.

-Факт е дека како држава имаме убедливо најниска цена на нафтата и тоа во моментот е и можеби добро од еден аспект, но од друг аспект во дел од пограничните општини во делот на бензинските пумпи се создава притисок од соседството. Бидејќи голем број од граѓаните од соседството доаѓаат да точат дизел гориво и затоа се случува да на некои бензиски пумпи да снема гориво од тоа што е очекувано. Но тоа брзо се надоместува, нагласи Мицкоски.

Тој потенцира дека државниот пазарен испекторат е континуирано на терен и нема прекини во снадбувањето.

-Ако се има во предвид после нивелирањето на цената после вчера од страна на Регулаторна комисија за енергетика кај нас дизел горивото е 1,39 евро во соседна Албанија е 1,8 евра односно за околу 30% поскапо и логично е да имаме притисок во западниот дел во државата. Исто така во Србија е 1,73 евро – центи што е некаде околу 25% поскапо од тоа што е во Македонија, како и во Косово варира цената ама достигнува до 1,52 евро што е некаде околу 10%, потенцира Мицкоски.

Премиерот потенцира дека во регионот имаме најниска цена за дизел горивото а слична е цената и со бензинот 95 октани и 98 октани.

-Очекуваме притисок од предиодот што следи но имаме доволно количини, разговараме со дистрибутерите и со компаниите коишто ги снабдуваат граѓание и македонската економија со нафта и нафтени деривати и во моментот нема опасност од било каков недостаток. Ние како Влада продолжуваме да ја следиме состојбата. Можеби условно кажано е добра вест е што утринава од она што можев да го видам и брентот и останатите продукти на светските берзи се во опаѓање. Ако вчера го достигнаа пикот од 120 долара за барел, денеска веќе се тргуваат за некаде 90-тина долари за барел. Ја следиме целата состојба многу внимателно и во зависност од развојот на настаните така и ќе реагираме“, дециден е премиерот Мицкоски..

Премиерот најави дека утре ќе има состаноци со претставници на ланците на супермаркети и хипермаркети, со цел да не се користи сегашната состојба и веднаш да се зголемат цените производите.

„Јас во текот на утрешниот ден имам состанок и со ланците супермаркети, хипермаркети итн. Сакам со нив да поразговарам да не се користи сега овој притисок да веднаш да се зголемат цените и притисокот да се префрли врз потрошувачката кошница на граѓаните, за да не мораме ние како Влада да преземаме друг тип на офанзивни мерки. Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државниот пазарен инспекторат ќе го следат однесувањето на трговците на производи на мало и на големо. Врз основа на нивното однесување така и Владата ќе се однесува. Така што очекуваме и тие да имаат фер однос кон граѓаните, за да и ние како Влада бидеме фер кон нив, односно заеднички во овие моменти да го заштитиме стандардот на граѓаните, бидејќи тоа претставува наша цел и приоритет во моментов“, објасни тој.

Премиерот Мицкоски во однос на предлогот на опозициската СДСМ, истакна:

„Јас неслучајно, не ги прокоментирав, бидејќи станува збор за прилично несериозни, неточни, непрецизни предлози. Бидејќи ако во еден момент ги слушате како создаваат хистерија за 600, 700, 800 евра минимална плата, а од друга страна велат да се избришат даноците, да нема данок на додадена вредност итн., па не враќа во едни други времиња, на соцболшевизам и еден вид на таква економија. Затоа се обидов воопшто да не ги коментирам творците на канабис економијата во Македонија, луѓе коишто буквално ја ограбија Македонија, ги понижија македонските граѓани, ја понижија државата. И понекогаш можеби и молкот е доволен одговор на некое прашање.

Во моментот не гледаме потреба од прогласување на кризна состојба, токму поради овие аргументи за коишто веќе зборував“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.