Мицкоски: На следните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари историски резултат, ќе дојде крај на овие политичари

Македонскиот народ денеска е исправен можеби пред најголемиот егзистенцијален предизвик, а тоа е да се избори за себе и за својата Македонија. Дали тоа ќе го направиме? Да! Ќе се избориме сите заедно, затоа што ја чувствувам поддршката на народот каде и да одам низ Македонија. Во таа борба има многу предизвици, и од внатре и од надвор. Многумина ќе дојдат до вас, ќе ви ја стегнат раката и ќе ве погледаат во очи и ќе ви кажат се што сакате да слушнете. Но, внимавајте истите тие кои што ќе ви кажат се што сакате да слушнете, позади завесата се договараат со нивните стопани. Кои се нивните стопани? Сите тие кои што не сакаат овој народ да успее и оваа држава да успее“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа од Кичево.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ кога и да се случат изборите повторно ќе оствари историски резултат како тој што беше на локалните избори. И тогаш ќе дојде крајот на оваа ненародна власт, но и крај на нивните мали мизерни политички кариери.

„Македонија со ум се брани. Секој кој што мисли дека со сила може да ја одбрани Македонија, се лаже. Ние треба да бидеме најмалку двојно поумни од сите останати, со добра и јасна стратегија. Сите тие кои што заведуваа со силни говори и јака реторика дека овој град бил наш, Македонија до таму, таму ќе го правиме следниот Конгрес, завршија како уценети мали просечни бизнисмени“, појасни Мицкоски.

Тој додаде дека треба утре чесно да се води Македонија. Нема време за бизнисмени во политика. Нема веќе тоа да го има. Секој оној којшто мисли дека во политиката ќе биде бизнисмен се лаже. Со ВМРО-ДПМНЕ на власт нема тоа да го има.

„Денеска додека ова го зборувам, ние сме соочени пред историски епохален предизвик. Денеска Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и овие 44 да изгласаат предавнички уставни измени во Парламентот скроени по бугарски диктат“, укажа Мицкоски.

Тој ги повика сите граѓани за да се обединат околу ВМРО-ДПМНЕ.

„Мора да се обединиме, да застанеме околу заедничката цел, а тоа е огромна победа на следните избори, силни реформи и Македонија онаква каква што сите ние си ја сакаме, и децата дома да ни останат“, порача Мицкоски.

Тој укажа дека е потребна победа на ВМРО-ДПМНЕ и формирање на Влада без уцени.

„Денеска ВМРО-ДПМНЕ ја има честа да го брани и одбрани можеби еден од најмалубројните народи во Европа, тоа е македонскиот народ. И колку да ви кажуваат било какви романтични предлози и идеи дека ќе направиме вака и така, верувајте тие ве мамат“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски вечерва порача дека мисијата на ВМРО-ДПМНЕ е да се вратат младите дома во Македонија, и оваа земја да стане земја каде што ќе владеат законите и ќе се создаваат реформи за доброто на граѓаните.

„Иднина која што ќе ги донесе децата дома, овде заедно со нивните родители. Да нема повеќе мајки, сестри, баби кои што тажат по своето чедо, по својот брат, по своето внуче. Туку да се радуваат дека тие се вратиле дома, во својот роден крај, онаму каде што најмногу тежи каменот. Тоа е нашата мисија“, истакна Мицкоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.