Во деновите кои што следат на сите ќе им стане јасно за што се наменети тие 900 милиони евра и јавноста ќе биде сведок на епски криминал, најави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по посетата на Гевгелија.
– Почекајте и деновите кои што следат на сите ќе ни биде јасно зошто се наменети овие 900 милиони евра. Повторно за криминал, само на еден поинаков начин. Тоа е суштината и тоа треба да го знаат граѓаните. За реализација на еден проект кој што долго време ДУИ го најавува. А како предигра на таа реализација, ќе повторам, направена е промена на сопственичката структура на една градежна компанија каде што нов сопственик е човек, фамилија блиска до ДУИ. Ќе бидеме сведоци на еден епски криминал кој што ќе се случува во периодот кој што следи – потенцираше Мицкоски.
Тој тврди дека власта се обидува да ја скрие вистинската намена на тие 900 милиони евра.
– Прво ќе излезат и ќе кажат дека биле 900 милиони евра за буџетска поддршка, за ликвидноста на буџетот. Видоа дека таа приказна тешко проаѓа и наидува на критика во јавноста, па потоа се обидоа на мала врата да протнат една друга теза дека се потрошени државните резерви во четвртиот квартал од минатата година и првиот квартал од оваа година, нешто повеќе од дванаесет проценти од вкупниот волумен на државни резерви па требало тие да се покријат. Суштината е нешто друго и повторно главен играч тука е ДУИ, а СДСМ е само набљудувач на тој процес. Тоа се пари кои се наменети за тој проект кој што долго време го најавува ДУИ, а како подготовка на тој проект, изминативе денови е направена промена на сопственичката структура на една стара градежна македонска компанија сопственост на еден бизнисмен а сега во дел од сопственоста влезе лице кое што е блиско до ДУИ – нагласи Мицкоски.