Мицкоски: Компетентни и неизвалкани кадри во техничката влада, нивна задача е да ја обезбедат волјата на народот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во „Топ Тема“ на Телма ги соопшти имињата на техничките министри и заменици кои ќе ги предложи ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада, потенцирајќи дека тоа се компетентни и неизвалкани кадри чија задача ќе биде да ја обезбедат волјата на народот.

Пред извесно време добив овластување од ИК и ЦК на партијата да предложам имиња кои ќе бидат дел од оваа техничка влада, и врз основа на тоа на состанок на ИК тој предлог ќе го презентирам, рече Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека технички министер за внатрешни работи ќе биде адвокатот Панче Тошковски, моментално ја води партиската комисија за правни работи, бил член на конгреси, дел министерство за транспорт и врски, моментално работи во адвокатска канцеларија.

-Ценам дека со оние други именувања во МВР може да се состави добар тим да се обезбеди изборниот процес да се одвива како што очекуваме ние и граѓаните, изјави Мицкоски.

Мицкоски додаде дека технички министер за труд и социјала ќе биде Ѓоко Велковски, кој долго време работи во тоа министерство.

Добро ја познава работата и структурата, едно време беше и секретар на Град Скопје, сега е дел од општина Гази Баба. Ценам дека како долгогодишен професионалец може да даде додадена вредност во овие 100 дена да обезбеди да имаме добро водење на министерството и да влијае да биде спречен поткупот кој знаете пред новогодишните празници на големо беше најавуван од страна на владата, рече Мицкоски.

Тој посочи дека технички заменик министер за финансии ќе биде Елена Петрова, која доаѓа од Управата за јавни приходи.

Таму работи повеќе од 25 години, исклучителна биографија, многу обуки во Светска банка, ММФ, станува збор за професионалец и може да допринесе за здрав конкурентен тим во тоа министерство, изјави Мицкоски.

Мицкоски истакна дека технички заменик во министерството за администрација информатичко општество ќе биде Стефан Андоновски, меѓународен секретар во ВМРО-ДПМНЕ.

Долги години дел од УМС, дел од ИК, близок соработник, имаме големи планови во делот на дигитализацијата на Македонија веднаш по изборите како идна влада. Ценам дека и тој ќе биде разликата која ќе ја видат граѓаните во овие 100 дена, изјави Мицкоски.

За технички заменик министер во МЗШВ, Мицкоски посочи дека ќе биде Цветан Трипуновски.

Беше и во претходната техничка влада, ја води и партиската комисија, човек кој ги поминал сите структури и имам доверба дека може да се справи со предизвикот, изјави Мицкоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.