Денес ВМРО-ДПМНЕ одбележува 30 години од основањето во далечната 1990 година. На денешен ден беше крунисана идејата да се создаде политички субјект кој ќе биде носител на вековната македонска борба за сопствена независна и самостојна држава. Токму ВМРО-ДПМНЕ беше партијата која прва зборуваше за Македонија надвор од југословенска федерација и тој идеал својата финализација ја дочека на 8-ми Септември, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Неговото обраќање до јавноста го пренесуваме во продолжение:
Идејата на ВМРО-ДПМНЕ тогаш и сега, а ве уверувам и во иднина ќе биде, МАКЕДОНИЈА. Како што вели апостолот на македонска борба за слобода, Гоце Делчев, „Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“ и тие негови зборови се ѕвездата водилка на секој чесен и искрен Македонец повеќе од еден век наназад.
Македонија била идејата која ги водела и хероите од народно ослободителната борба. Првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто во предвечерието на втемелувањето на Македонската државност ќе каже „Сега градиме македонска држава и ќе ја изградиме, а како ќе се вика таа држава?” „Се разбира – Македонија… 30 години ВМРО-ДПМНЕ и 127 години ВМРО. Толку многу години во кој секој е заслужен, а една идеја МАКЕДОНИЈА!
Македонија е вечниот идеал. Македонија е идејата на нашите дедовци, татковци, но и идејата на нашите деца, внуци и правнуци. Нашата борба како ВМРО-ДПМНЕ е тој пламен никогаш да не згасне, туку напротив да се распламтува и да гори за век и векови. Сегашниот предизвик што како генерација се соочуваме е како да политички да го победиме ова раководство на СДСМ и Зоран Заев. Тие се целосен антипод на тоа што значи Македонија за која илјадници луѓе ги положиле своите животи. Мораме да ставиме крај на поразите и понижувањата кои тие ги создаваа. Трите години хибриден режим на Заев ја осиромашија Македонија , ја клекнаа на колена со погазено достоинство да се дави во криминал, корупција и сиромаштија. Изборот е јасен, обнова или измама, Македонија или ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев. Она што е важно е дека ние сме поинакви од него, ние знаеме и можеме да ја исправиме Македонија и гордо да зачекориме кон напредокот. Обновата на Македонија никој не може да ја сопре, затоа што народот стои зад таа обнова, а ВМРО-ДПМНЕ ќе биде носител на таа заедничка борба. Македонија горда членка на ЕУ, земја на иднината и среќниот живот.
Нека е вечно и вековито победничко ВМРО-ДПМНЕ
Нека е вечна и вековита идејата за Македонија
Нека е вечна и вековита Македонија!