Мицкоски: За мене, мојата држава е и ќе биде Македонија!

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не гледа зошто би го променил својот став околу името на македонската држава ако ја добие довербата од граѓаните на претстојните парламентарни избори.

„Не знам зошто ние мора да го промениме однесувањето ако ја добиеме довербата на граѓаните. За мене, Македонија е Македонија и ќе биде Македонија. За мене, мојата држава е и ќе биде Македонија. Моите предци ќе бидат горди на мене, а не како на некои кои се срамат од своето поколение“, рече Мицкоски во ТВ-дуелот на Канал 5 со лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

За шефот на опозицијата, не е лидерство тоа што го направи експремиерот Зоран Заев, означувајќи го потпишувањето на Преспанскиот договор како отворање на Пандорината кутија.

„Тие прашања се решаваат стратешки. Тоа што се направи во Преспа беше на маса со години уште од времето на Глигоров. Не е тоа така, си подадоа рака и готово. Имало причина зошто сите претходници не го потпишале. Требаше да учиме од сопствените грешки и од грешките на нашите претходници. Ние ги исполнивме сите критериуми и претходно, но политичкиот момент беше проблемот. Чекор по чекор се доведовме во оваа ситуација. Е, јас кога ќе дојдам на власт, нема да го дозволам тоа“, порача Мицкоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.