Мицкоски: Заев да го раскине договорот за вработување на Командант Хоџа во Владата и ако сака да помогне нека го вработи во семејната компанија

Лична работа на Заев е желбата да сака да му помогне и да се грижи за семејството на Џезаир Шакири, односно таканаречениот Командант Хоџа. Двајцата делат иста идеологија и исти вредности. Сепак, тоа што се политички истомисленици и постигнале некаков меѓусебен договор, не му дава на Заев за право да го вработува на висока функција во владата и да го плаќа со пари на граѓаните, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Но, тука е важна и една друга порака. Се уште немаме одговор на прашањето кој го заробил, и кој го ослободил Танушевци, и зошто доколку било тоа така надлежните органи не реагирале и не ја известиле јавноста. И суштинската дилема останува, доколку некој се дрзне да направи некое незаконско дело, нападне полиција или нешто слично, наместо да биде санкциониран добива место во Владата. Ова е случај каде се рушат вредности, а преседанот станува правило, рече Мицкоски во видео обраќањето и додаде:

„Предупредувам, дека е исклучително опасно ваков човек да биде поставен на така висока и чувствителна функција. Човекот е на американската црна листа, а сега треба да добива информации кои се државна тајна и да советува околу безбедноста. Го повикувам премиерот Зоран Заев да го раскине договорот за вработување на Џезаир Шакири во Владата и доколку толку многу сака да помогне можеби е добро да го вработи во неговата семејна компанија Тотал инженеринг. Убеден сум дека чесните граѓани на Македонија не би сакале да финансираат некој што се заканувал и велел дека доколку имал оружје, Македонците ќе ги протера од овие простори“.

Воедно, потенцираше Мицкоски, предупредувам дека одговорност мора да се понесе, и не толку далеку од сега ќе мора да дадат одговори за ваквото деструктивно однесување.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.