Додека јас сум премиер нема да никне ниту еден шатор за илегални мигранти и нема да примиме ниту еден илегален мигрант, напротив ќе ја зајакнеме нашата борба против илегалната миграција, изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска.
– Со индигнација ги отфрлам овие шпекулации дека планираме да правиме какви било кампови за илегални мигранти. Темата што е зборувана во британските медиуми е за неуспешни апликанти за азил да ги праќаат во трети земји. Таква тема не е разговарана со нас, а и да се разговара ќе се одбие. Разговарано е дека ќе се бориме заедно против илегалната миграција, илегалните мигранти кои влегуваат кај нас преку граница од земја членка на ЕУ – рече Мицкоски.
Тој најави дека како што се прави проект „Сејф сити“, ќе се прави проект Сејф кантри со кој нашите граници ќе бидат целосно мониторирани.
– Ги гледам овие салта кои ги прави опозицијата на отворена сцена и не само што не е вистина, туку за мене е навистина чудно во отстуство на каква било идеја која може да мобилизира, тие се фаќаат за политика, за антиилегалната миграција која е во темелните вредности на кои почива ВМРО-ДПМНЕ. Ова претставува однапред изгубена битка. Немаат идеја, немаат концепт и сега ајде ќе измислуваме теми. Како од сите идеи ја најдоа оваа која е фундаментална во политиките на ВМРО-ДПМНЕ – рече Мицкоски.
























