Мицкоски ги откри адутите за парламентарните избори: Еве кои ќе бидат носители на листите во изборните единици

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека тој ќе биде носител на пратеничката листа во Изборната единица 1 на претстојните парламентарни избори.

За Изборна единица 2 носител на листата ќе биде Владо Мисајловски.

Во Изборната единица три носител ќе биде сегашниот пратеник Драган Ковачки.

Во Изборната единица 4 носител ќе биде потпретседателот на партијата и пратеник Александар Николовски.

Во Изборната единица 6 носител ќе биде сегашната пратеничка Дафина Стојановска.

Одлуката кој ќе биде носител на листата за Изборна единица 5 ќе биде донесена во текот на денот, најави Мицкоски.

Мицкоски очекува набрзо да се финализираат листите за пратеници за изборите на 8 мај.

– Според планот на активностите некаде 31 март е предвиден ден за промоција на листите за пратеници. 30 март е денот кога официјално ќе се потпише коалицискиот договор, така што во рамките на овие две-три недели ќе биде се познато – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски, ја финализира изборната програма и денеска ќе се одржи завршниот состанок со групата која ја изработува. Имајќи предвид дека официјално кампањата за парламентарните избори започнува на 18 април, тој очекува до крајот на месецот да има и нејзина официјална промоција.

-Многу сме внимателни кога ја креираме, многу сме конзервативни. Не ветуваме премногу, не ветуваме чуда, но тоа што е ветено стоиме позади тоа и врз основа на тоа ќе ја градиме нашата политика. Дури и споменуваме дека после две години истата таа програма ќе биде ревидирана и надградена откако реално ќе ги видиме ресурсите со коишто располагаме, бидејќи она што го имаме како информација што ќе го наследиме од оваа криминална влада на СДСМ и ДУИ е навистина алармантна, рече Мицкоски.

Мицкоски вели дека за време на изборната кампања ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како што се гледа, ќе биде насочена на нудење решенија. Политики што, посочува тој, практично ќе ги решаваат напластените проблеми на граѓаните.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.