Мицкоски: Во секоја општина каде што ВМРО-ДПМНЕ има градоначалник се гледа напредок, работа и промени

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес беше во посета на Штип заедно со градоначалникот Иван Јорданов.

Тој оцени дека во оваа, како и во другите општини каде ВМРО-ДПМНЕ има свој градоначалник се гледа напредок, работа и промени.

-Ќе ми дозволите на почеток да му честитам на Иван и на тимот кој што работи овде во Општина Штип, се гледа напредокот, се гледаат промените, успесите, нешто што е различно од тоа што го гледаме на централно ниво и нешто што беше различно од пред Иван да биде тука изминативе четири години на неуспеси и неработа овде во Штип. ВМРО-ДПМНЕ овде во Штип продолжува да го исполнува тоа кое што го вети за време на кампањата, како и насекаде низ Македонија. Доволно зборуваат овие млади наши сограѓани овде во населбата Баби кои што се радуваат на овој спортски комплекс. И убеден сум дека многумина утре ќе бидат успешни фудбалери во „Брегалница“ или пак кошаркари и кошаркарки, ракометари и ракометарки овдека во Штип, рече Мицкоски.

Тој посочи дека младите треба да спортуваат, само така можат да го јакнат духот и само така може да се учат на витештво.

-Се надевам дека набргу од денеска ќе биде и втората фаза готова и ќе можат да го комплетираат овдека во Штип целиот овој комплекс, но и ќе продолжиме понатаму и заедно со Иван овдека и администрацијата во останатите делови да се инвестира во Штип да се инвестира и да се градат вакви спортски комплекси, но и не само тоа туку и инфраструктура како надземна така и подземна. Уште еднашка на крај ќе ми дозволите да му честитам на Иван, да и честитам на целокупната администрација овдека во Штип и само така да продолжат, затоа што доста се порази, на народот му треба единство. Единство околу програмата на ВМРО-ДПМНЕ, што ни е потребна и за следните предвремени парламентарни избори, да не биде Македонија уценувана од една политичка елита која што тоа го прави веќе 20 години, посочи Мицкоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.