Мицкоски апсолутен победник: “Ги штитиме интересите на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ е против двосмислени прашања на референдумот”

Разговаравме за избор на Државната изборна комисија, околу предлог законот за финансирање на политичките партии и околу измените во законот за влада што би значело формирање на техничка влада по пржинскиот принцип, ова денеска по завршувањето на лидерската средба го истакна Христијан Мицкоски лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Истовремено зборувавме за повлекување на законот кој што го донесе претходно владата за избор на членови на ДИК каде бројот на потребното мнозинство ќе се врати на 2/3. Веќе во парламентот работните групи работат на усогласување на овие законски решенија и нивно понатамошно усвојување, што значи на нормален начин, не на девијантен Македонија ќе добие нов состав на ДИК, ќе добие нов закон за финансирање на политичките партии со што ќе се обезбеди отчетност и транспарентност и ќе добие нови измени во законот за влада со дефинирање на поимот техничка влада, по пржинскиот модел која ќе гарантира фер и демократски избори и изборен процес кога и да се случи, потенцираше Мицкоски.

Тој вели и дека во врска со прашањата за референдумот и содржината на истиот тие ги застапувале интересите на граѓаните на Република Македонија.

-Се обидувавме правно да го искажеме нашиот став и да спречиме евентуално понатамошно насилие во делот на распишување на самиот референдум, карактерот, но и евентуалното референдумско прашање. Нашата позиција е јасна и таа е партиски став, референдумското прашање мора да биде еднозначно, што впрочем го дефинира самиот закон за референдум, но и самиот Устав. Тука имаме генерално разлики со парламентарното мнозинство, рече Мицкоски.

Тој додава дека за успешен референдум се смета оној каде се исполнети два услови, првиот излезноста да биде поголема од 50 проценти плус еден и минимум 50 проценти плус еден од тие што излегле на референдум да гласаат ЗА или против референдумското прашање.

-Референдумот може да го распише парламентарното мнозинство и тука ние како опозиција се обидуваме да влијаеме во делот на тоа да не повторно се кршат законите и Уставот и тоа да биде на еден нормален начин, со други зборови ние ги штитиме интересите на граѓаните.

Извор: kurir.mk




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.