Mитингот кој синоќа го одржа ВМРО-ДПМНЕ пред владата на Република Македонија одекна и во највлијателните светски медиуми. Американскиот број еден медиум “Вашингтон Пост” во својата објава за собирот напиша:
“Десетици илјади на конзервативни поддржувачи на опозицијата протестираа пред македонската влада барајќи предвремени избори – пишува “Вашингтон Пост” после митингот на ВМРО-ДПМНЕ. Конзервативната ВМРО-ДПМНЕ, која владееше од 2006-2017, повика на демонстрации велејќи дека лево ориентираната влада предизвика “aпокалиптични” чекори за време на изминатата година откако ја презедоа власта” – пренесуваат од влијателниот американски весник.
Понатаму од весникот пренесуваат дел од пораките во говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
“Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, рече дека протестот e “почеток на крајот” за актуелната влада и повика на предвремени избори идниот март или април. Тој рече дека техничка влада треба да се формира пред одржувањето на изборите. Една година политички терор, економски неуспех, младите луѓе се отселуваат насекаде во светот поради разочарувањата”, пренесуваат дел од говорот во објавата на весникот.
Понатаму весникот пренесува и за излагањето на Мицкоски околу разговорите на премиерот Заев со Грција за државното име.
“Партијата на Мицкоски исто така вели дека владата на Заев ги уништува националните интереси преку преговорите со Грција за ново можно име на државата. Мицкоски вели дека неговата партија нема да поддржи промена на Уставот за промена на државното име Република Македонија”, додаваат од “Вашингтон пост”.