Митевски: Песната „Море сокол пие“ е инспирација за отпор, кон една политика која што е погубна за државата

„Песната во филмот „Трето полувреме“ беше мој избор, јас сакав да се пее некоја народна песна која што полека како на отпорот на трибините ќе стане фудбалска навивачка песна. И после тоа Кирил Џајковски побара од таа песна „Море сокол пие“, да направи акциона музика за нивниот последен натпревар на кој победуваат. Изборот на песната не беше случаен. Барав нешто што има добар ритам, што може да стане навивачка песна, но што истовремено нема никаква политичка конотација, но има борбеност во неа и има географски поим. „Море сокол пие, вода на Вардарот“, не пие на Морава, не пие на Марица туку пие на Вардар.

Ние сме народ кој што живее, така на школо не учеа од левата и десната страна на Вардарот. Таа земја од извора па до Солун ние тука живееме, тоа е нашата земја. Таа песна не дефинира нас, каде сме и кои сме и какви сме. Во песната се опишува некаков јунак, како изгледа тој јунак и како се замислуваме себеси и што посакуваме да станеме. Ама, пак ќе речам тоа мислев ќе е добро за на филм, не мислев дека ќе се случи да го гледаме по улиците на Скопје“, истакна Дарко Митевски во вчерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“.

Митевски додаде дека македонскиот народ треба да е горд на песната бидејќи таа е испеана токму од македонскиот народ, тоа е стара македонска песна. Соколот не пие вода на Црно море и на Дунав, туку од Вардар пие.

„Ми е драго што луѓе се сеќаваат на песната и ја користат како инспирација за својот отпор, кон една политика која што мислам дека е погубна за државата“, нагласи Митевски.

Митевски посочи дека не му се допаѓа што Македонија се силува пред очите на македонскиот народ, и ние како граѓани немаме друго орудие освен песна. Македонија последен пат во ваква ситуација како денес била во Балканските војни. Тогаш Македонците биле без оружје во рацете, без интелектуална елита, разграбани, силувани, обесчестени и поделени. Прв пат од тогаш во иста ситуација Македонија денес се наоѓа.

„Око не ми трепнува, филмот би го снимил уште три пати ако треба. „Трето полувреме“ е дел од мојот живот тоа е сценарио, тоа е приказна која што јас сум ја открил во 1999 година. А, од тогаш поминале 21 година. Јас сум формиран како човек, како уметник низ таа приказна и низ разни други приказни еве една од нив е да речеме оваа афера „Мис Стоун“. Приказните за Македонија од „Досие Скопје“, преку „Балканкан“ до „Трето полувреме“ се мои приказни. Јас никогаш ништо не снимав во Македонија освен приказни за Македонија. И за тоа ми е тешко ова што се случува сега“, рече Митевски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.