Митева: Не сме задоволни од сработеното на Арсовска

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева денес по прес конференцијата беше запрашана од страна на медиумите кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ согласно вчерашните случувања со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

„Причините поради кои функционерите од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа оставки ги видовме во јавноста преку нивните изјави. Но, како партија која го поддржа концептот за модерно Скопје и која застана со поддршка зад независната кандидатура на Арсовска искрено верувајќи во овој концепт, можам да кажам дека не сме задоволни од досега сработеното од градоначалничката и сметаме дека малку е реализирано, а може и треба да се испорачаат многу повеќе резултати кои ги заслужуваат скопјани. Поддршката која ја дадовме на почетокот кон Арсовска е темелена на принципи и секако ние таа ќе ја повлечеме тогаш кога ќе видиме дека тие принципи не се почитуваат“, појасни Митева.

Таа додаде дека поддршката која ја даде ВМРО-ДПМНЕ на почетокот кон Арсовска е темелена на принципи и секако истата поддршка ќе се повлече кога принципите нема да се почитуваат.

„Имено, ова значи дека во иднина само оние проекти, само онаа политика која е во функција на концептот модерно Скопје и која ја поддржуваме ќе биде одобрена и изгласана во Советот и секако ќе ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, но исто така ќе го задржиме правото да бидеме жестоки критичари на нејзините политики кои излегуваат надвор од тој концепт ветен пред граѓаните. Искрено, би и порачале на градоначалничката дека наместо неосновани пресметки и упади на прес конференции треба да се започне со проекти и со решавање на потребите на скопјани“, одговори портпаролката.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.