Еден од најдобрите организатори на игра во историјата на македонскиот ракомет Филип Миркуловски направи долго интервју со „Балкан Хендбол“ во кое меѓу другото зборуваше за иднината на нашата репрезентација.
Според ветеранот, без Кирил Лазаров, кој во блиска иднина ќе замине во пензија, нашиот национален тим ќе има проблеми да се пласира на големите натпреварувања.
„Слушам некои приказни дека и по Кире Лазаров ќе имаме светла иднина, ќе можеме да се пласираме на Европски и Светски првенства, но не верувам во тоа. Кога Кире ќе се повлече, ќе биде тешко воопшто да се пласираме на големо натпреварување“, вели Миркуловски.
„Ќе ни биде тешко и поради новиот систем на квалификации за СП. Сите сакаме да биде најдобро, но реалноста не е светла. Немаме ракометар кој би го заменил Кире на неговата позиција. Во следните четири години ќе мора да се потпреме само на Талески и Кузмановски, ќе биде многу тешко да се оствари некој позначаен резултат“.